Breaking News

Шукова: На државата и е потребна сеопфатна законска рамка дизајнирана во согласност со ЕУ законодавството за клима


На Република Северна Македонија првично и е потребна сеопфатна законска рамка дизајнирана во согласност со законодавството за клима на Европската Унија со која ќе се обезбеди солидна законска основа за стратешко планирање и креирање политики во согласност со рамката на политиките на ЕУ за клима и енергија со перспектива до 2050 година, нагласи министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на јавната расправа за нацрт-текстот на Предлог-законот за климатска акција.


Министерката истакна дека е потребно и воспоставување на законска основа за координирана акција на национално ниво во однос на ублажување и адаптација кон климатските промени, вклучително и транспонриање и спроведување на законодавството за клима на ЕУ и јасно воспоставување на законска основа за утврдување одговорности на институциите и бизнис заедницата, нивните улоги и начинот на размена на информации.


– Во моментот не постојат неопходни регулативни мерки и соодветна институционална поставеност потребна за да се обезбеди усогласување на национално законодавство со законодавството за клима на ЕУ, како и спроведување на регулативни мерки. Постојното законодавство за клима е недоволно и истото е ограничено во својот опсег и цели. Постои неусогласеност особено во однос на транспонирање и спроведување на механизмот за мониторинг и известување кое претставува обврска да биде транспонирано согласно одлуките на министерскиот совет на енергетската заедница и патоказот за декарбонизација, појасни Шукова.

Предлог-законот, додаде таа, прилагодува неколку правни акти на ниво на ЕУ, до степен возможен согласно нашиот статус на земја со отворен процес на полноправна членка во европското семејство.


– Климатската акција е во сржта на европскиот зелен договор, а ние секако се стремиме кон негова имплементација. Тој претставува пресврт во зелените политики на ЕУ и носи со себе пакет мерки од повеќе области. Геенралната цел на зелениот договор е трансформација на ЕУ во модерна, оджлива економија и постигнување на климатска неутралност на ЕУ до 2050 година, рече Шукова.

Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, државен советник во МЖСПП, презентирајќи го нацрт-текстот посочи дека нашиот прогрес кон европското интегрирање ќе биде оценуван според степенот на транспонираност на барањата од европското законодавство, па токму затоа и планирањето на климатската акција и сите натамошни одредби се базираат на брањата на законодавството.


Она што европското законодавство препознава, појаснува таа, се т.н. национални акции за адаптација.

– Ние направивме прилагодување со нашата реалност и направивме обид за усогласување на акциите и на хоризонтално и на вертикално ниво што значи им даваме обврска на единиците на локална самоуправа зашто тие се главните чинители на акциите за адаптација. Она што од нас ќе се бара како МЖСПП е да известуваме за овие акции за адаптација и тоа во едни формати, кои воопшто не се едноставни, вели Обрадовиќ Грнчаровска.


МЖСПП смета дека спроведувањето на законот и неговата имплементација е единствено можна ако се направи дополнително одделение за известување во рамки на некоја агенција за животна средина што би се формирала понатаму согласно предвидени реформи за јавна администрација. Инаку, како што оценува Обрадовиќ Грнчаровска законот нема да биде применлив, само ќе биде транспониран.

– Сржта на законот е механизмот за следење и известување кој е многу тешко разбирлив и оној кој не поминал низ процесот тешко прави разлика, но разговараме и ќе побараме помош од хрватското министерство. Луѓе кои го поминале процесот се далеку поискусни да ни дадат одговори на некои прашања кои се уште ги имаме бидејќи не сме поминале низ процесот, сами правиме прилагодување на системот кој не ни е познат, посочува Обрадовиќ Грнчаровска.

Откако ќе се донесе законот, додава таа, ние ќе мораме секоја година да известуваме, односно од моментот кога ќе се донесе законот и подзаконските акти, секоја година ќе мора и ќе треба да има континуитет и одржливост на целата таа работа.

Обрадовиќ Грнчаровска посочи дека особено внимание посветиле на поглавјето дозволи, а вистинска акција од законот ја гледаат во поглавјето за јаглеродниот надоместок. мс/сп/