Силјановска: во однос на Годишна програма на проекти од национален интерес во културата, власта останува глува и нема


„КУЛТУРА И НЕКУЛТУРА

И покрај гласните и аргументирани протести на уметниците и културните работници во однос на Годишна програма на проекти од национален интерес во културата, власта останува глува и нема. Си тера по свое, а одлуки носат политичари без елементарно знаење и култура, со безобразно непочитување на нашите најголеми творечки потенцијали. На критиките одговорија како што знаат – со козметички поправки, фрлање трошки од трпезата за да ги замолчат поединците, да забошотат, да ќарат уште некој ден плус на власт. Тие се грижат за власта, а не за убавото и вредното. Македонската уметност и култура никогаш не паднале на пониско ниво, никогаш не биле толку понижени и обезличени – со бришење на сѐ што е македонско, вредно, со традиции, а во полза на „новокомпонирани“ добитници на државна поддршка.

Една мудра мисла гласи: улогата на креативниот лидер не е да ги има сите идеи, туку да помогне да се креира култура во која секој може да има идеи и да чувствува дека тие се вреднуваат. Македонија ја водат скромноумни, кои само минале покрај културата и уметноста, а за кои власта и профитот имаат највисока вредност.

Културата е столбот и лицето на секое општество, и кон дома и кон надвор. Македонија најдобро може да се промовира во меѓународните односи со културна дипломатија, а неа во моментов ја сечат во корен токму оние кои се на чело на државата. Уништувањето на еден народ почнува со газење на неговата колективна свест и култура, а токму тоа се случува во моментов. Тоа мора да запре, тука и веднаш!“

Facebook статус: Гордана Силјановска


Видете следно

Градежна комора: Растот на трошоците го диктира растот на цената на квалитетните станови

Градежната комора на Македонија информира дека трендот на пораст на трошоците за градежни материјали, но …