Силјановска – Давкова: Четириесет проценти од министрите ќе бидат жени


Носителката на Изборна единица 1 на ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата „За Обнова на Македонија” Гордана Силјановска- Давкова од пред музејот на Македонската борба порача дека во програмата „Обнова” се втемелени принципите на обнова на почитта, рамноправноста, знаењето и креацијата.

– Обнова на почитта, родовата рамноправност, обнова на респектот на енергијата, знаењето креацијата, неискористениот ум на жените во Македонија бидејќи бројот на министерки во оваа влада беше три па стана четири со госпоѓицата Нина Ангеловска ама во однос на 26 е мачоизам политички од невидени размери, рече вчера Силјановска- Давкова.

Дополнително Силјановска- Давкова потенцираше дека ВМРО – ДПМНЕ се залага за рамноправна застапеност на жените во политиката и оти тоа е голем исчекор за демократијата во државата.

Таа порача дека во програмата „Обнова” има огромен број на проекти кои се наменети за целосно и рамноправно вклучување на жените во општествениот и политичкиот живот.

– Во обновата се вели дека 40 проценти од министрите ќе бидат жени. Ќе се согласите дека бројката не е македонска некако скандинавска како да е и ете и тоа е исчекор во поглед на сензибилизирањето на балканскиот машки воинствен милитантен свет, потенцира Силјановска – Давкова.

Според неа, ВМРО – ДПМНЕ со пример покажува дека го остварува тоа што го ветува, а тоа е дека има жени кои се носителки на листата и многу вклучени во самите листи, но дека во проектите се обврзува за исполнување на ветувањата од 40 отсто застапеност на жени во политиката.

– Не само тоа и на листите како што гледате има повеќе жени одошто мажи и дури има две жени кои се носителки на листата, а има неколку кои се втори или трети. За мене е тоа демократски исчекор и јас мислам дека доаѓа времето на жените во Македонија, дополни Силјановска – Давкова.

Скопје, 1 јули 2020 (МИА)


Видете следно

Мицкоски: Ахмети ме информираше дека ќе преговара за влада со СДСМ

Со Али Ахмети имавме едночасовна средба минатата недела во Собранието. На таа средба господинот Ахмети …