Силјановска-Давкова: Иднината на нашата татковина е во Европската Унија


„Почитувани, иднината на нашата татковина е во Европската Унија. Но, за жал, некои мислеа дека е доволно да се промени името на нашата држава за да се отвори патот до европското семејство. Нам ни се потребни реформи, но потребна ни е и визија, лидерство и активна поддршка со експертиза во процесот. Видовме дека оваа Влада, во неможност да испорача квалитетни реформи, е подготвена да жртвува сè што ѝ е свето на државата само за да покаже дека има некаков напредок кон ЕУ. Како Претседателка на Република Македонија јас ќе работам на остварувањето на овој приоритет за сите граѓани. Пристапниот процес во ЕУ е многу подолгорочен, посеопфатен и позначаен од една Влада, нејзиниот мандат и размислувањето на рок не подолг од 4 години. Затоа тој не смее да биде оставен на влијанието на популизмот и меѓу-партиското пазарење.

Токму поради ова, како Претседателка ќе формирам експертски тим во рамките на преговарачките структури за секое поглавје, кој ќе има за цел да ги обезбеди основните принципи на транспарентност, отчетност и отвореност кон граѓаните на пристапниот процес. Ќе испратам советници и специјални преставници во Мисијата во Брисел кои ќе бидат задолжени за следење на текот на преговорите и застапување на националните интереси во тој процес.

Освен експертскиот тим, ќе поттикнам и формирање на тим на јавни личности од граѓанскиот сектор и дијаспората кој ќе ја промовира Европската Унија и европските вредности во македонското општество, но и успешната демократизација и европеизација на Македонија.

Почитувани, градењето добри односи помеѓу државите мора да се заснова на заемна доверба и партнерски однос. Со цел унапредување на стратешката соработка со меѓународната заедница ќе воспоставам редовна координација со странските амбасади на која, покрај вообичаените теми поврзани со безбедноста и т.н. висока политика, ќе ги дискутираме и заеднички ќе ги утврдуваме развојните приоритети во кои можеме да сметаме на помош и поддршка од пријателските земји. Време е да се отвори дискусија за вистинските потреби на граѓаните и таму заеднички да ги насочиме сите наши заложби.“



Видете следно

Пендаровски: Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно – ќе успееме!

Обраќање до јавноста на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски Почитувани граѓани, Ви се обраќам …