Со покачување за акцизите на цигарите може да се влијае кон намалување на пушењето и зачувување на јавното здравје


Република Северна Македонија е меѓу највисоко рангираните земји во светот, односно во првите 10 врз основа на преваленца на пушење и вкупниот број испушени цигари дневно по пушач. Статистиките за пушење во Република Северна Македонија покажуваат дека преваленцата на пушење во земјата изнесува 40%, а истовремено едно домаќинство во просек пуши околу 28 кутии во месецот. За споредба во европските земји, преваленцата на пушење е далеку пониска. Во Шведска таа изнесува 8.7 %,  во Грција и Бугарија  27%

Аналитика тинк-тенк заедно со Универзитетот Илиноис од Чикаго во изминатите 2 години спроведе анализа за потенцијалните ефекти од покачување на цените на цигарите врз намалување на пушењето. Резултатите од анализата беа презентирани на регионалната конференција на тема “Подобрување на политиките за оданочување на тутунот во Западен Балкан“ која се одржа денеска во Скопје.

„Анализите покажуваат дека доколку акцизата на цигари се зголеми за 25%, потрошувачката на цигари ќе се намали за 8%, а буџетските приходи од акциза на цигари ќе се зголемат за 12,6 %. Имајќи предвид дека овој проблем не е само во Северна Македонија туку и во целиот регион, потребно е да се делува на регионално ниво во однос на утврдување воедначени ценовни и даночни политики“, изјави Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика. Таа додаде дека нашата држава и ние многу малку правиме за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест.

Со покачување на акцизите за цигари државата ќе влијае на намалување на пушењето како примарна цел и ќе обезбеди дополнителни средства во Буџетот кои понатаму би можело да се користат за здравствени цели за намалување на последиците од пушењето.

Министерот за здравство Венко Филипче ја истакна важноста од континуирана едукација преку укажување на исклучително штетните последици од пушењето. Според анализите токму пушењето е поврзано со голем број причини за смртност, меѓу кои белодробни малигни заболувања, срцеви и респираторни заболувања.

„Податоците говорат дека употребата на тутун и изложеноста на пасивно пушење придонесуваат за приближно 12% од сите смртни случаи од срцеви заболувања, а елиминирање на употребата на тутунот може да заштити милиони луѓе да починат од срцев и мозочен удар. Во однос на превентивните мерки кои ги преземаме во оваа област, веќе неколку години функционираат советувалишта за откажување од пушење во рамки на Центрите за јавно здравје низ државата. Во изминативе три години околу илјада лица ги посетиле 10-те советувалишта за откажување од пушење“, изјави Филипче.

Инаку, конференцијата продолжува и утре, а се одржува во рамки на проектот„Унапредување на даночните политики за тутун во земјите со низок и среден доход, финансиски поддржан од Универзитетот Илиноис во Чикаго (UIC) – Институт за истражување и здравствена политика,

 


Видете следно

ОЈО Охрид поведе постапка за фалсификување исправи

Основното јавно обвинителство Охрид поведе постапка против седум лица за сторено кривично дело Фалсификување исправа …