Сопругата на претседателот – покровител на меѓународната конференција „Жените во надворешната политика”


Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска е покровител на дводневната меѓународна конференција „Жените во надворешната политика” која денеска и утре се одржува во Скопје во организација на Министерството за надворешни работи.

Во своето обраќање на првата панел дискусија насловена „ Дали жените во надворешната политика можат да го променат светот”, Ѓоргиевска истакна дека дипломатијата е една од областите во која традиционално жените не биле мнозинство на високите раководни позиции и дека ова не е случај само кај нас.


„Ако се погледне искуството во рамки на поновата политичка историја, дури и поразвиените демократии од нас имаат кратка традиција на жени амбасадорки и жени на високи раководни позиции, медијаторки во справување со конфликти, преговарачки на меѓународни спорови и потписнички на меѓународни договори”, рече Ѓоргиевска и додаде дека треба да ја прекинеме и трансформираме историјата на родовата супресија и насилство кое не е само физичко, туку пасивно, систематско игнорирање и маргинализирање на општествената позиција на жената.

„Доколку не ги вклучиме жените во клучните процеси за водење на едно општество, ние ја исклучуваме едната половина на нашето население, а со тоа имаме и неискористен потенцијал, рече сопругата на претседателот според која тоа вклучување не треба да остане само заради задоволување на правните рамки и исполнување на членовите од некоја декларација. Таа истакна дека мораме да се ангажираме околу суштествената сензибилизација во сите сфери, од интимните до професионалните, за важноста на родовата еднаквост.

Ѓоргиевска потенцираше дека родовата еднаквост е обврска на секој од нас, секој ден, дека тоа е обврска за создавање општество во кое секое девојче може да смета дека во иднина ќе ги има истите можности за образование, вработување и квалитет на живот како и секое момче.

„Колку повеќе ние вложуваме во родовата еднаквост, толку повеќе ќе им овозможиме на идните генерации да наследат општество во кое стереотипите и системските бариери се намалуваат, а се зголемуваат можностите за сите да уживаат еднакви права во секоја сфера од животот”, истакна сопругата на претседателот.

Конференцијата беше отворена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а многубројни домашни и странски министри, претставници на меѓународни организации, дипломати, бизнисмени, во текот на дводневната конференција ќе дискутираат на повеќе теми меѓу кои: ангажирање на мажите во родовата еднаквост; моќта на жените миротворци; Ковид-19 и неговото економско влијание врз жените; улогата на парламентите во унапредувањето на родовата еднаквост.

На конференцијата беше усвоена заедничка декларација за основање мрежа на жени дипломатки од Западен Балкан со која се отвора можност за зголемена комуникација и размена на искуства помеѓу жените дипломатки со цел да се зголеми улогата што тие ја имаат и треба да ја развиваат во надворешната политика на регионот.


Видете следно

Жените вработени во градските служби во Кабул ќе останат дома

Талибанците им наредија на жените вработени во градските служби во Кабул да останат дома, а …