Состанок на земјите од ЦЕФТА: Клучно е градењето на заеднички регионален пазар


Министерот за економија Крешник Бектеши и бугарскиот заменик министер за економија Стамен Јанев денеска копретседаваа со состанокот на министрите за економија во рамки на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес.

На состанокот, како што соопштија од Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА), се разговарало за важни теми како што се Зелената агенда, проширувањето на Зелените коридори/ ленти и воспоставувањето на Заеднички регионален пазар.

– ЦЕФТА е клучна во градењето на Заедничкиот регионален пазар и неговата интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Заедничкиот регионален пазар ќе донесе побрзо усогласување со регулативата на ЕУ и ќе го забрза процесот на интеграција во ЕУ за страните на ЦЕФТА, истакнал директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Ѓикиќ.

Најавил дека фокусот ќе биде ставен на четири клучни прашања – проширување на зелените коридори/ленти кон соседните земји-членки на ЕУ, понатамошно усогласување на процедурите во рамки на ЦЕФТА преку договорите за заемно признавање (МРА), градење на регионален пазар за е-трговија и воспоставување на механизам за решавање спорови.

– Овие активности ќе ги намалат трошоците за трговија и времето поминато на премините, ќе овозможат производите и услугите побрзо да стигнат до пазарот на ЦЕФТА и ќе ги отстранат нетарифните бариери меѓу страните, посочил Ѓикиќ.

Пазарот за електронска трговија на ЦЕФТА денес се проценува на околу една милијарда евра, со силен раст.

– Нашата работа е да овозможиме пристап до овој пазар за млади и креативни луѓе кои можат да создадат работни места за повеќе млади. Треба да извезуваме стоки и услуги преку интернет. ЦЕФТА одобри патоказ за да се води нашиот пат кон отстранување на најголемите бариери за прекугранична дигитална трговија, истакнал  министерот Крешник Бектеши.

Во рамки на Сесијата за Зелената агенда, учесниците дискутирале за резултатите од Зелените ленти и ја поздравиле иницијативата за нејзино проширување кон соседните земји-членки на ЕУ. бак/бк/

Скопје, 5 ноември 2020 (МИА) –


Видете следно

Директорката на ММФ ги повика владите во светот да трошат што е можно повеќе

Креаторите на политики ширум светот треба желно да прифаќаат зголемување на трошоците за да помогнат …