Состаноци со високи претставници на ММФ: Јакнењето на финансиската стабилност е од голема важност за закрепнувањето на македонската економија


Последиците од ковид-кризата врз економијата се видливи, но во голема мера ублажени преку навремените и соодветни монетарни и фискални мерки. Последно расположивите податоци покажуваат значително подобрување на состојбата на економијата, но јасно е дека неизвесноста е особено изразена. Ова е карактеристично за вкупната глобална економија, чие закрепнување се потпира на фактори поврзани со јавното здравје и на економски фактори кои е тешко да се предвидат. Оттаму, потребно да се продолжи со постојано следење на состојбите, прилагодување на политиките и преземање навремени мерки. ММФ и натаму, секогаш кога има потреба и простор за тоа ќе испорачува поддршка за економиите.

Ова се дел од пораките од Годишните средби на ММФ и Светската банка, од состанокот на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими и тимовите на Народната банка и Министерството за финансии со директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу и резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле.

На состанокот, посебно внимание беше посветено и на предизвиците во претстојниот период, кога приоритет останува справувањето со здравствената криза, што ќе биде од суштинско значење за заштита на економијата и на јавните финансии. Според оцените на ММФ, важно ќе биде и во текот на следните месеци да се дава поддршка на економијата, а мерките да бидат добро таргетирани, да имаат привремен карактер и да се спроведуваат на транспарентен начин.

Од ММФ оценуваат дека поголеми инвестициски вложувања, во следниот период можат да помогнат да се зголеми потенцијалот за раст на економијата. Како што беше истакнато на состанокот, и во текот на ковид-кризата не смее да се заборави на структурните реформи коишто се предуслов за натамошниот долгорочен раст на економијата.

Во контекст на закрепнувањето на македонската економија, од високите претставници на ММФ, одделно беше посочено дека е од голема важност што финансиската стабилност постојано јакне и што постојано се работи и на унапредување на регулативата во оваа сфера. Банкарскиот сектор, којшто е носечки столб на финансискиот систем, како што оценуваат од ММФ, треба и може да испорача клучна поддршка за економијата и во натамошниот период на ревитализација.


Видете следно

Дури и најсилната европска економија не е отпорна на короната

Кризата предизвикана од короната се заканува на опстанок на 15% од германските компании, покажуваат резултатите …