Социјалните организации апелираат до ММФ „веднаш да престанат да се залагаат за штедење во светот”


Програмите за помош од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за да им се помогне на земјите да ја надминат кризата со коронавирусот ќе осудат многу од нив на повеќегодишни мерки за штедење, предупредуваат водечките светски добротворни организации и социјални организации.

Тековните програми на ММФ ќе бараат од 80 земји да спроведат мерки за штедење во просек од 3,8 проценти од нивниот годишен бруто домашен производ (БДП) помеѓу 2021 и 2023 година, предупредуваат групите во писмо непосредно пред годишните состаноци на ММФ и Светска банка.

За идната фискална консолидација ќе бидат потребни речиси петпати повеќе пари отколку што се издвојуваат во пакетите оваа година за надминување на пандемијата, нагласува во анализата Европската мрежа за долгови и развој (ЕУРОДАД).

Повеќе од половина од предвидените мерки за консолидација, што одговараат на два проценти од БДП, ќе бидат спроведени следната година, додаваат тие.

Јавниот долг ќе се зголеми до 2023 година во приближно 56 земји, а 30 земји ќе бидат принудени да им исплатат на доверителите дополнителни износи, еквивалентни на нивните пакети помош за 2020 година за надминување на Ковид-19, бидејќи трошоците за сервисирање на долгови растат од година во година.

„Во 46 земји за кои се достапни податоци, мерките за штедење што треба да се спроведат во период од 10 години ќе ги намалат нивните јавни трошоци од 25,7 проценти од БДП, на 23 проценти во периодот од 2020 до 2030 година”, се вели во  анализата.

Затоа, организациите во писмото апелираат до ММФ „веднаш да престанат да се залагаат за штедење во светот”.

ММФ додели невидени пакети помош за земјите кои бараат итно финансирање во услови на рецесија во глобалната економија, поврзани со мерки за борба против пандемијата и затворање на економијата.

Досега повеќе од 100 земји побараа помош, а ММФ ги направи програмата за вонредни заеми и инструментот за финансирање вонредни состојби двојно подостапни и очекуваат побарувачката за помош да достигне околу 100 милијарди долари. паг/

 

Вашингтон, 5 октомври 2020 (МИА) –


Видете следно

Директорката на ММФ ги повика владите во светот да трошат што е можно повеќе

Креаторите на политики ширум светот треба желно да прифаќаат зголемување на трошоците за да помогнат …