Спасевска, кандидат за ректор: 5% од меѓународните проекти на УКИМ за наука и млади истражувачи место авторски хонорари на дел од менаџерскиот тим во ректоратот


„Транспарентност, отчетност и академска и студентска автономија во идното работење на УКИМ се главните приоритети на кои се темели програмата за „Европско образование на УКИМ”. Некако Законот за високо образование, донесен во 2018 година, ни овозможи академска слобода во однос на државата, но внатре на УКИМ многу малку зборуваме за студентска и академска слобода, а уште помалку за транспарентност и отчетност. Ова ќе го промениме со внатрешна прераспределба на сопствените средства за зголемување на меѓународната соработка, вклучување на професорите во пишување на проекти и заедничка работа со студентите и поддршка на млади докторанди. Тука ќе влезат 5% од средствата што се зафаќаат од проектите што ги зема дел од управата и од намалувањето на ректорскиот додаток”, вели професорката Христина Спасевска, кандидат за ректор на УКИМ.


Спасевска вели дека ваквиот модел на финансирање и воедно кратење на средствата што сега одат за авторски хонорари за дел од менаџерскиот тим во ректоратот ќе придонесе кон поголем број апликации во меѓународни проектни програми, а со тоа и обезбедување дополнителни средства кои можат да бидат значителни во однос на сегашниот буџет на УКИМ.


„Случајно наидов на документ од меѓународен проект кој што јас го водев. Одлуката е од 2016 година. Од мојот проект „Обука на градежните работници за енергетска ефикасност” вкупно 175.757 денари што е еднакво на 5% од буџетот на проектот, сите се поделени за авторски хонорари. Оваа одлука е одобрена и потпишана од проректорката Ангелова”, додава таа.

Професорката Спасевска вели дека за првпат во изборите за ректор на УКИМ е применет метод во кој се вклучени професорите и студентите слушајќи ги нивните реални барања и потреби во однос на промените кои тие ги очекуваат од новиот ректор. Токму на тој начин беа дефинирани приоритетите и на нејзината програма за „Европско образование на УКИМ”.


„За разлика од другите кандидати јас применив еден поразличен метод како да ги дефинирам приоритетите на мојата програма. Се обратив на сите наши колеги професори и студенти да дадат свое мислење во која насока и со кои проекти треба да се развива УКИМ. Бев изненадена што повеќе од 200 професори и студенти се одважија и испратија конкретни предлози и истите се дел од мојата програма”, истакнува професорката Спасевска.