Спасевска, кандидат за ректор: Ректор на УКИМ не треба да биде бизнисмен, туку искусен професор кој ќе вложува во студентите и науката


“УКИМ не е бизнис, ниту пак ректорот треба да биде бизнисмен. На УКИМ треба да дојде ректор кој е професор, кој има исклучително големо искуство со студенти, со наука и меѓународна соработка”, вели проректорката за настава на УКИМ и кандидат за ректор, Христина Спасевска во вечерашната дебата во Топ Тема на Телма телевизија.


Она што Спасевска дополнително го истакнува како приоритет е поттикнување на студентскиот активизам, вложување во наука и давање системска поддршка на докторандите и постдокторандите, за кои како што вели таа, се оние кои треба да бидат двигател на науката во државата.


“Ние како да не го поттикнуваме доволно студентскиот активизам и како да ни одговара студентите да не знаат кои се нивните права. Дополнително мора да вложуваме во наука. УКИМ паѓа на меѓународните ранг листи и поради тоа што немаме систем. Ние ги наградуваме најдобрите научници коишто сами се избориле да бидат најдобри. Ние немаме системска поддршка на докторандите и постдокторандите кои се реално оние кои треба да бидат двигател на науката во државата. УКИМ нема сериозно одделение за меѓународна соработка и наука, немаме добра веб страна преку која би ја зголемиле видливоста, знаејќи дека на некои ранг листи околу 40% е токму од видливоста на веб страната. Но најважното прашање кое мора да го поставиме е дали нашата држава е подготвена да донесе политичка одлука да има Универзитет меѓу првите 1000. Високото образование е загарантирано со Устав. Ова се клучни прашања на кои сериозно ќе пристапиме, ние да поставиме мериторен систем, да знаеме што сакаме, а потоа и да побараме од поддршка од државата”, додава Спасевска во вечерашната дебата на Топ Тема.

Еден од нејзините приоритети и први чекори коишто ќе ги направи доколку стане ректор е кратење на додатокот од 5% од меѓународни проекти кои ги задржува ректорот и дел од менаџментот, кои ќе бидат наменети токму за стипендирање на млади докторанти и наука.