Breaking News

Спасевска, кандидат за ректор: УКИМ треба да биде втор дом на студентите подготвувајќи ги најдобрите професионалци


 УКИМ треба да има студиски програми препознатливи како од нашата бизнис заедница, така и меѓународно. На нашите студенти УКИМ треба да им биде втор дом. Ние не треба да подготвуваме студенти и професионалци за утре, туку за иднината. Треба да се грижиме за нив дали начинот на кој ги конципираме студиските програми е доволен за тие да ја совладаат содржината од таа студиска програма. Треба да им дадеме шанса да имаат можност и за културен и забавен живот. Ќе направиме целосна дигитализација на наставниот процес и дигитален индекс, како и бесплатни дигитални учебници кои ќе бидат достапни за сите, вели проректорката за настава на УКИМ и кандидат за ректор, проф.д-р Христина Спасевска во вечерашната дебата со останатите кандидати во Топ Тема на Телма телевизија. 

 Според Спасевска, она што на УКИМ во овој момент најмногу недостасува е сериозен систем за обезбедување квалитет според кој ќе се креираат понатамошните наставни програми и активности на УКИМ, а со цел подигнување на квалитетот за студентите и професорите.


 Како проректор за настава го почнав и веќе сме во завршна фаза каде што студентите и професорите преку анкетирање, реално ќе кажат што нив им фали и како да дојдеме до подобар квалитет. Системот за квалитет го има на сите меѓународни универзитети како основа за мерење колку сме добри, а и понатаму каде сакате да стигнете за една година и евентуално ако не се исполни тоа за една година, кои се проблемите, вели Спасевска, дополнително осврнувајќи се и на потребата од вклучување на студентите во работа на проекти. 


 Дел од студентите можеби ќе продолжат со научна кариера, но во исто време треба да ги развиваме и претприемачките вештини кај нашите студенти затоа што очекуваме дел од нив да почнат и сопствени бизниси по завршувањето на студиитедополнува таа.