Breaking News

Спасевска: Треба да се смени концептот на предавања и пренесување на знаењето


 


„Во Македонија има повеќе од 250 000 ученици во основно и средно образование, а наставата ја спроведуваат околу 27 000 наставен кадар. Од овие податоци треба да се започне кога сакаме да ја истакнеме потребата нашите млади да имаат квалитетно образование. Тоа бара донесување на суштински и системски промени. Секое мерење на знаењето на учениците, покажува пад  и недостаток на мотивираност за стекнување вештини. Младите, што ќе ја создаваат иднината на нашата држава, треба да се заинтересирани за учење и да имаат вградено вредносен систем. Образовниот процес и неговите недостатоците имаат длабоки корени, на што треба да се даде голема важност и значење. Денешните основци и средношколци се следните научници, професори, политичари, судии, доктори, правници, инженери и техничари. Тие, од вредносниот систем што го поседуваат и нивните знаења, зависи колку и дали ќе спасуваат животи, дали ќе ја бранат правдата или корупцијата, дали ќе ни се урнат зградите и целото општество ќе се закопа во урнатините“, според проф. д-р Христина Спасевска проректорка за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и долгогодишен член на комисиите за натпревари по физика и природни науки за основните и средните училишта.


За да се постигнат резултати во образовниот систем и се создаваат квалитетни кадри кои со знаење и систем на вредности ќе го поттикнат развојот на општеството, треба да се направат структурни и системски промени. Треба да се започне со континуирани обуки на професорите во основно и средно образование, како и нивно унапредување, согласно нивните постигнувања и стаж, по претходно изграден систем, без брзи и недоволно анализирани решенија, кои може да предизвикаат револт кај нив.

„Фокусот на образованието треба да биде најмногу на процесот на учење, односно промена на концептот на предавања и пренесување на знаењето, од меморирање на податоци до начин како учениците и студентите да истражуваат за да дојдат до бараните информации и истите да ги применат. Учебниците треба да служат само за водење на ученикот и наставникот низ програмата. Дел од овој процес е и воведувањето на задолжителна практична работа на основците и средношколците на реални проекти и истражување во лаборатории, со можности за кабинетска настава. Истото ова се однесува и на високото образование. Денешните ученици веќе користат голем број дигитални мрежи и апликации, па образованието мора да го следи ова со напуштање на досегашните методи и воведување на дигитални алатки кои ќе им помогнат во учењето и зголемат нивното познавање од информатичките технологии“, истакнува Спасевска.


Исто така, според Спасевска, покрај инклузивност во основно и средно образование, потребно е да се најде модел како континуирано да се работи со талентираните ученици, кои покрај учеството на натпревари, треба да помагаат и на другите ученици.

„Возможно е и постојат методи за кариерен развој на учениците уште во основно и средно образование, со цел рано откривање на нивната наклоност кон дадени науки и професионална ориентација. Секако, во овој дел значајно е да се воспостави одржлива соработка помеѓу основните и средните училишта, но и на средните со универзитетите за да учениците полесно се определат каде сакаат да го продолжат своето образование“, потенцира Спасевска.


Според неа, ваквите промени ќе доведат до мотивирани и амбициозни ученици кои ќе учат за знаење а не за оценка, што е само почеток во понатамошни системски реформи што ќе го унапредат образовниот систем во целина.