Спасовски: Изборите треба да се одржат на 5 јули


Добро е сите да учествуваат во изборниот процес, а политичките партии да го покажат демократскиот капцитет и да понудат опции за граѓаните, рече премиерот Оливер Спасовски по денешната координативна средба на кандидатите за пратеници за Изборна единица 2 од коалицијата на СДСМ во Куманово.

-Јас посакувам политичките партии да имаа разбирање и консензус, пред се за почитувањето на Уставот и на законите. Се разговараше, добро е за демократскиот капацитет сите политички партии да учествуваат на изборите, а во оној момент кога не можат да се договорат политичките лидери, одговорноста мора да ја преземат институциите на системот. Ние вчера разговаравме и на Советот за безбедност се донесе одлука за продолжување на вонредната состојба за уште 14 дена, пред се, заради спроведување на економските мерки, заради можноста да се носат одлуки, уредби со законска сила за имплементација на овие мерки и согласно на тоа, ако се пресмета детално ќе видите дека изборите треба да се одржат на 5 јули, рече Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали СДСМ ќе излезе на избори без постигнат консензус со ВМРО-ДПМНЕ и како ќе се спроведува кампањата

Тој очекува дека политичките партии ќе бидат на висината на сопствената одговорност и дека ќе го покажат својот демократски капцитет за одржување на овие избори, односно ќе учествуваат на изборите.

-На крајот од краиштата и во нормални услови и во вонредни услови во какви било услови, тој кој што сака да учествува на избори, политичкиот мегдан е тука пред нас. Јас очекувам дека партиите ќе ги вкрстат своите копја и ќе разговараме на ниво на концепции, на ниво на визии за граѓаните и на основа на тоа ќе ги повикаме граѓаните да носат одлука, рече Спасовски.

Што се однесува до кампањата, додаде Спасовски, ќе се користат социјалните мрежи, медиумска кампања, преку личен пристап, ќе се разговара со граѓаните за сите прашања од нивен интерес, ќе се презентира и понуди програмата, платформата и визијата на СДСМ за тоа што ќе се направи во идниот период и ќе се побара поддршката од граѓаните.

Куманово, 31 мај 2020 (МИА)


Видете следно

Мицкоски: Подготвен сум да разговарам со сите партии, услови не прифаќам

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека во деновите што следат ќе се отворат преговори …