Средба Битиќи-Савада: Билатералните односи на задоволително ниво, голем потенцијал за унапредување на економската соработка


Билатералните односи помеѓу двете земји се на задоволително ниво и постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка, оценија вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и јапонскиот амбасадор, Хиронари Савада, на денешната средба во Скопје.

За време на состанокот вицепремиерот посочи дека во процес е создавање на Национална развојна стратегија до 2041 година, која треба да отслика меѓугенерациски, родов, меѓуетнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории луѓе, информира Кабинетот на вицепремиерот Битиќи.


Истакна дека економските политики на Владата се насочени кон привлекување нови инвестиции на високо технолошко развиени компании, како што несомнено има и во Јапонија и оти целта на Владата е да се подигне конкурентноста на земјата и регионот на Западен Балкан, преку вклучување на компаниите во глобалните синџири на производствените компании. На состанокот е разговарано за унапредување на економската соработка, соработката во инфраструктурата, енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и соработка помеѓу малите и средни компании од двете земји.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Савада, се согласија дека во периодот кој следи ќе се посветат на реализација на заеднички економски проекти, со цел продлабочување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји. Битиќи упати благодарност до јапонскиот амбасадор за поддршката која оваа земја ја дава за развојот на Република Северна Македонија и е еден од најголемите билатерални донатори за реализација на конкретни програми и проекти, со средства од јапонскиот народ, кои се спроведуваат преку Јапонската агенција за меѓународна соработка ( JIKA ).вј/лв/

Скопје, 14 септември 2021 (МИА)


Видете следно

Митреска: Мерките на централната банка избалансирани ‒ за поддршка на економијата и одржување на стабилноста

Вицегувернерката Ана Митреска на панел-дискусијата на „Вуд и компанија” за економијата и монетарната политика Вицегувернерката …