Средба на гувернерката Ангеловска-Бежоска со заменик-директорот на ММФ, Тао Жанг: Соработката меѓу ММФ и Народната банка е на високо ниво


Народната банка постигна значајни резултати во унапредувањето на своето работење со поддршка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Со спроведувањето низа проекти поддржани од ММФ, монетарната политика на земјата достигна ниво коешто е високо оценето од страна на меѓународните институции. Очигледно е дека соработката меѓу Народната банка и ММФ е успешна. Ова се дел од пораките од средбата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, со заменик-директорот на ММФ, Тао Жанг, којашто се одржа во Скопје. На средбата учествуваше и вишата резидентна претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле.

На состанокот, акцентот беше ставен на Заклучокот на тимот на ММФ, којшто неодамна престојуваше во нашата земја заради спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. Како што беше истакнато, оцените дека монетарната политика е соодветна и дека банкарскиот систем е здрав, добро капитализиран и ликвиден се и конкретна потврда на успешното остварување на целите на Народната банка. Притоа, уште еднаш беше нагласено дека Народната банка соодветно ги искористи поволните услови за зголемување на девизните резерви. При проследувањето на состојбите во банкарскиот систем, одделно беше посочено дека тековните активности за негово окрупнување ќе придонесат за негово натамошно консолидирање и за подобрување на неговата ефикасност.

Внимание ѝ се посвети и на потребата за дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност, коешто според согледбите на ММФ и натаму е приоритет. Притоа се истакна се оцената дека е мошне важно и позитивно што редовно се одвиваат активностите за зајакнување на супервизорската и регулаторната рамка и што се подготвува и регулатива со којашто ќе се зајакне макропрудентниот мандат на Народната банка и ќе се овозможи подобро утврдување на системските ризици во банкарскиот систем.

Во вториот дел на состанокот, се разговараше и за натамошното унапредување на соработката на Народната банка и Министерството за финансии со ММФ. Притоа, Жанг, Ебле и Ангеловска-Бежоска разговараа и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во неколку сфери на централнобанкарското работење, за што веќе се водеа разговори и на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка во Вашингтон.


Видете следно

АНАЛИЗА: Ревизија во општина Струга – сметката блокирана од 2010 та година!

Блокирана сметка, зголемување на финансиски обврски, судски процеси – серија на пропусти, недоследности и постапувања …