Breaking News

Средба на претседателот Пендаровски со Ден Шехтман, добитник на Нобелова награда за хемија во 2011 година


Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го прими Ден Шехтман, добитникот на Нобелова награда за хемија во 2011 година, кој престојува во посета на нашата држава во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Сојузот на хемичари и технолози на Македонија.


– На средбата се разговараше за светските трендови во природните науки, за глобалните економски текови, како и за потребата од насочување на националните политики кон поддршка на иновациите и технолошкиот развој.


Нобеловецот Шехтман ги искажа своите размислувања за предизвиците на научната мисла во денешницата, а се осврна и на неговата богата научна работа.

Тој го запозна претседателот Пендаровски со најважните моменти од кариерата и истражувањата на квазикристалите поради што му е доделена Нобеловата награда за хемија во 2011 година, информираат од кабинетот на претседателот.


Заблагодарувајќи се за посетата на нобеловецот Шехтман, Пендаровски истакна дека промовирање на интересот за науката е од особено значење кај нас, за младите луѓе да ја насочуваат својата енергија и креативност кон градење општество во согласност со принципите на одржливост.

ир/сп/Фото: Кабинет на претседател .


Извор: МИА