Breaking News

Средба Нуредини – Абади: Зајакнување на регионалната соработка преку дијалог и имплементација на регионални проекти и иницијативи


Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска оствари средба со заменик-генералниот секретар на Унијата на Медитеранот Алмотаз Абади, на која тие зборуваа за зајакнување на регионалната соработка преку дијалог и имплементација на регионални проекти и иницијативи, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.


Нуредини ја потенцирaл исклучително активната улога на Република Северна Македонија во развивање на регионалната соработка преку негување на добрососедските односи, која е во насока на заштита на животната средина.


– Северна Македонија активно придонесува во регионалните проекти за интегрирано управување со водните ресурси во сливот на Црн Дрим и проектите за заштита од поплави во долниот дел на реката Вардар, како прекугранични сливови што директно или индиректно преку Јадранско и Егејско Море влијаат врз квалитетот на Средоземното Море, истакна Нуредини.

Министерот нагласил дека се посветени на Зелената Агенда за Западен Балкан за што инвестициите се во правец на подобрување на мрежата за отпадни води, воспоставување на регионални центри за управување со отпад и циркуларна економија, како и заложби за декарбонизација на економијата преку мерките и политиките за ублажување на климатските промени.


Абади изразил поддршка за помагање во политичкиот дијалог за промовирање на постигнатите резултати во областа на управување со води, циркуларна економија и процесот на декарбонизација на економијата на Република Северна Македонија како на нова земја членка на Унија за Медитеранот.

Од МЖСПП потенцираа дека со вклучување на соодветни партнери преку Унијата за Медитеранот, која брои 43 земји членки (ЕУ и 16 земји кои го делат Медитеранот), се отвара можност за пристап до потенцијални финансиски институции и пренос на соодветни знаења и искуства во насока на заштита на животната средина. Исто така, се отвара можност за зајакнување на дијалогот со земјите членки на ЕУ во контекст на остварување на националниот приоритет – европска интеграција. см/нд/