Средношколците најдоа начин за работење во новата ера!


Овој викенд, EU House во соработка со Solveo го организираа првиот онлајн ЕУ Хакатон на темата: Трансфoрмирај го начинот на работа во новата ера. На хакатонот учествуваа 30 ентузијастични средношколци од целата држава, и за време на викендот, организирани во седум тима, тие работеа на изнаоѓање на иновативни решенија од своите домови.

Поврзани преку дигиталната платформа Discord, и со поддршка од фасилитаторите и стручните ментори, разработија 7 различни идеи за тоа како може да се промени и подобри иднината на работењето. Од дигитални платформи за подобра организација, до нови начини на употребување на постоечки технологии, решенијата кои ги смислија беа навистина генијални.

После 54 часа работа, тимовите ги презентираа своите решенија во живо на Zoom, образложувајќи како тие ќе им помогнат на организациите, вработените, и на општеството во иднината, но и како тие можат да ги реализираат како одржливи и функционални бизниси.

Стручното жири имаше навистина тешка задача да ги избере победничките решенија, но секој натпревар мора да има и победници. Како најдобри, тие ги избраа следниве решенија:

Трето место: тимот Karamel43, со идејата EPSо – начин на поврзување на сите индивидуалци со нивните општини, со цел лесно да ги споделат своите проблеми и да поттикнат нивно побрзо решавање.

Второ место: тимот No Drama Lama со платформата Skill Deal, која овозможува размена на вештини и услуги, и собирање поени кои можат да бидат употребени како платежно средство.

Прво место: тимот Make it More Productive со апликацијата B-productive, која преку предизвици, игри и награди, ги поттикнува вработените на индиректен начин да бидат попродуктивни, активни и мотивирани.

Сите учесници се збогатија со многу нови пријателства, знаења, и самодоверба во сопствените вештини. Еве што кажаа за нивното искуство на хакатонот:

Овој хакатон ми беше прв, и морам да кажам дека е едно од моите најдобри искуства. Очекував само hard-work, но покрај тоа стекнав нови пријателства, многу искуство и нови вештини-како работа под временски притисок и презентациски вештини. Сѐ на сѐ многу забавно, изморувачко но вредеше. – Бојана Даневска

Овие три дена мислам дека се најдобрите 3 дена од мојот живот, морам да бидам искрен. Толку многу пријателства стекнав кои мислам дека ќе траат вечно, и толку многу знаење што навистина не само што ќе ми го подобрат менталитетот туку и ќе ме подобрат како личност. Не знаев дека олку многу интелигентни брилијанти и фини луѓе луѓе може да постојат во овој свет. Особена благодарност до луѓето od Солвео кои го организираа настанов! – Ермин Факич

И покрај пречките и предизвиците со кои моментално се соочуваме во образованието, секогаш постои начин да им дадеме повеќе можности и на младите да ги развиваат своите вештини. Тие се моторот за позитивна промена во секое општество, и со помош на технологијата, секој млад човек може да биде дел од приказната за напредок.

Резултатите од хакатонот докажуваат дека младите размислуваат многу креативно и иновативно, и дека се што им е потребна е шанса за да заеднички смислат решенија за подобра идина!


Видете следно

ФИТР: Отворен јавен повик за компании – носители на брзо економско заздравување

Фондот за иновации и технолошки развој објави јавен повик за Технолошки развој за брзо прилагодување …