ССК на редовна консултативна средба со мисијата на ММФ 


Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска одржа редовна консултстивна средба со мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ)  и резидентниот претставник, г. Себастијан Соса.

На средбата се дискутираше за предизвиците на приватниот сектор и состојбите во кои е приватниот сектор во земјата, тековните економски случувања и економските изгледи.  Арсовска ја истакна важноста од спроведувањето на структурните економски реформи како приоритет и стратешка определба на земјата што би ја придвижиле националната економија. Суштината како што рече, е континуитет на реформите, како и овозможување предвидливо деловно опкружување за приватниот сектор како би можеле компаниите со сигурност да креираат повеќе годишни планови и да не се воздржуваат од инвестиции.

Дополнително беше дискутирано и за ефектите од најавеното покачување на минималната плата во услови на нестабилна економска состојба во која не е вистинскиот момент за вештачко зголемување на минималната плата со Законот за минимална плата затоа што има голема можност од негативни импликации како што и беше истакнато во најновите извештаи на ММФ.

Нашиот став, принципиелно е дека платите треба да се зголемат но природно а не со наметнувања кои во турбулентни времиња приватниот сектор тешко може да ги издржи. Истото треба да се спроведе преку национална стартегија која треба да има зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, за обезбедување стабилен пласман на македонски производи, зголемување на бројот на компании кои извезуваат. Во исто време се соочуваме и со зголемена имиграција на младите и квалификувани кадри на пазарите во Западна Европа што дополнително ќе влијае на притисокот природно да се зголемат платите. Затоа да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор“ истакна Арсовска.

Согласно анализите на меѓународните финансиски институции, доколку се прибегне кон зголемување на минимална плата голема е веројатноста дека ќе се зголеми работата на црно на пазарот на труд. На состанокот се дискутираше и за неформалната т.е сивата економија која е еден од најголемите предизвици за сите сектори во стопанството бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги ставаат во повластена положба оние кои регистрирано работат  и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори.

Арсовска зборуваше и за важноста од владеењето на правото како клучен приоритет за инвестирање на компаниите во Република Македонија. Беше констатирано дека неопходно е во драфтирањето односно во изготвувањето на регулативата да бидат почитувани оние приниципи кои важат во ЕУ, а тоа е сите засегнати страни да бидат конслултирани додека се подготвува законот и драфтирањето треба да е со широка јавна расправа која ќе трае од шест до девет месеци како би се постигнало изготвување на квалитетно решение кое ќе може да се имплементира во пракса. Како позитивен пример може се посочи Предлог новиот Закон за инспекциски надзор на Министерството за информатичко општество и администрација, кој е во собраниска процедура, а со вклучени мислења и препораки од приватниот сектор.



Видете следно

Октомври, месецот на штедење идеален да почнете да размислувате за посигурни пензионерски денови

Во денешни услови евидентно е дека луѓето живеат подолго и поздраво, така што, со оглед …