Breaking News

Стано: Дијалогот меѓу Белград и Приштина не е мртов


Портпаролот на Европската унија Петер Стано денеска изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина „не е мртов“ и дека ЕУ сега работи уште поинтензивно за да им помогне на двете страни да најдат решение во рамките на дијалогот и да ја смират ситуацијата.


„Оваа ситуација не настана ненадејно. Тоа е последица на поширок проблем меѓу двете страни кој трае подолго време и кој ЕУ се обидува да го реши од двете страни.


Одговорни за настаните се двете страни и сега нивна одговорност е да најдат излез, а наше е да им дадеме поддршка во рамките на дијалогот за да се најде решение“, рече Стано.

Тој во Брисел изјави дека не е работа на ЕУ да бара одговор на прашањето кој е одговорен за нападите врз Кфор, туку да се погрижи ситуацијата да се смири преку спроведување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.


„Нападите не се случија само вчера, гледаме дека овие многу опасни ескалации се случуваат од петокот со судири во кои има повредени лица и оштетување јавен имот.

Затоа ЕУ, сите земји членки и нејзините тела силно ги осуди инцидентите и ги повика двете страни на деескалација и смирување на ситуацијата“, рече Стано.


Тој рече дека пренесувањето на таа порака е причината поради која високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел разговарал со лидерите на двете страни – српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.

зш/  .


Извор: МИА