Стипендии за летни курсеви по полски јазик и размена на студенти и научници во рамки на соработката со Полска


Полската национална агенција за академска размена NAWA известува дека ќе обезбеди четири стипендии на кандидати од земјава за 2021 година, за учество на  летните курсеви по полски јазик и култура, во рамки на Програмата NAWA, кои ќе се одржат во Полска. Курсевите се одржуваат во јули и август 2021 година, во времетраење од три или четири недели. Стипендијата покрива школарина, сместување и исхрана во студентска кантина, а патните трошоци се на товар на самиот кандидат.

Кандидатите треба да се регистрираат најдоцна до 18 март 2021, до 15 часот, на линкот: https://programs.nawa.gov.pl/login. Регистрираните кандидати апликацијата заедно со потребните документи, наведени на веб-страницата на Министерството за образование и наука, во два примерока треба да ги достават до архивата на МОН, ул. „Свети Кирил и Методиј” бр. 54, 1000 Скопје, најдоцна до 22 март 2021.  Интервју со кандидатите ќе се одржи на 26 март во МОН.

Поради ситуацијата со КОВИД-19, се уште не се знае дали курсевите ќе бидат организирани на традиционален (стационарен) начин, или вторпат по ред ќе бидат организирани онлајн. Оваа информација ќе биде позната до април 2021.

Програмата NAWA за летни курсеви (претходно летни курсеви по полски јазик и култура) оваа година се трансформираше во институционална програма.

– Главната промена која е важна за Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и за кандидатите е дека универзитетите со кои NAWA ќе потпише договори за организација на летни курсеви, ќе бидат одговорни за регрутирање на учесниците. Универзитетите ќе регрутираат учесници врз основа на упатствата од страна на NAWA и ќе ги прифатат оние учесници кои се наведени од страна на NAWA на списокот со загарантирани места. Детали за правилата за регрутирање ќе бидат наведени од страна на самите универзитети, а сите тековни информации во случај на прашања од луѓе кои не се на списокот со загарантирани места, може да се најдат на линкот https://nawa.gov.pl/en/the-polish-language/nawa-summer-courses, соопшти МОН.

Полската национална агенција за академска размена – NAWA известува и дека во академската 2021/2022 година реализацијата на билатерална соработка во областа на високото образование и науката од страна на Полска ќе биде спроведена во рамки на „Програмата за размена на студенти и научници како дел од билатералната соработка – понуда за дојдовни студенти и научници” („Exchange Programme for students and scientists as part of the bilateral cooperation – offer for incoming students and scientists”).

Според полската позиција во рамките на Берлинскиот процес, Полската национална агенција за академска размена ќе додели стипендии за македонски студенти за академската 2021/2022 година, во вкупно времетраење од 20 месеци, на универзитети и институции кои се во надлежност на министерот за наука и високо образование.

Полската страна ќе обезбеди бесплатно студирање и сместување во студентски домови, а висината на стипендијата изнесува 1.250  полски злоти (PLN) месечно за прв циклус на студии и 1.500 PLN месечно за втор циклус на студии.

Во известувањето од Министерството за образование и наука се наведени линк за регистрација и веб-страницата за информации за потребните документи за поднесување на кандидатурите, како и формуларот за апликација.

Апликацијата заедно со потребните документи во два примерока треба да бидат доставени до МОН, најдоцна до 20 мај 2021. хс/сп/

Скопје, 19 февруари 2021 (МИА) 


Видете следно

Петров: Градиме партнерства и ја јакнеме соработката помеѓу корпоративниот сектор и стартапите

Фондот за иновации и технолошки развој воведува Програма за корпоративна иновативност која ќе овозможи воспоставување …