СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА ЈА ОБЈАВИ ПРОГРАМАТА НА ФЕСТИВАЛОТ ЗА 2019 ГОДИНА


Струшките вечери на поезијата ја објави Програмата на претстојното издание на Струшките вечери на поезијата коешто ќе се одржи од 21 до 26 август.

Програмата ја задржува структурата и содржините по коишто се препознатливи Струшките вечери на поезијата, но внесува и новини за коишто се надеваме дека ќе станат препознатлив белег на овој меѓународно признат и познат фестивал.

Една од тие новини е поетската порака што ќе биде прочитана за време на церемонијалниот дел на свеченото отворање од страна на истакнат македонски поет/поетеса. Оваа година, автор на поетската порака е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.

Како што веќе претходно најавивме, од оваа година „Струшки вечери на поезијата“ има намера да ја подигне јазичната комуникација на фестивалот како дел од заложбите за унапредување на квалитетот на манифестацијата, нејзиниот меѓународен углед и значење, но и да го унапреди односот кон својата публика и граѓаните. Во таа насока дел од содржините, а особено главните фестивалски читања ќе вклучуваат употреба на повеќе јазици. Освен досегашните македонски и англиски, ќе користиме и албански и француски јазик.

Во рамки на Програмата се предвидени повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

За да се зголеми удобноста на нивниот престој и да се подигне организациското ниво на фестивалот, оваа година, Струшките вечери на поезијата објави повик за волонтери што ќе сакаат да се вклучат во логистичката поддршка на фестивалот. Повикот е завршен и во тек е селекција на најсоодветните кандидати. Со нивно вклучување сакаме да го подигнеме интересот за Фестивалот кај помладата публика, но и да понудиме можност за нивно дружење и комуникација со некои од најзначајните поетски имиња.

За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, освен директниот пренос на  главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и live streaming на официјален Youtube канал со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот ширум светот, но и ќе се поттикне интересот на публиката за директна посета на фестивалските настани.

Во таа насока, за да се зголеми достапноста на публиката, планираме да обезбедиме организиран превоз по симболична цена за оние љубители на поезијата коишто поради своите работни обврски не се во можност да присуствуваат на повеќе фестивалски денови. За главните фестивалски настани ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево- Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга којшто по завршувањето на настанот ќе овозможи враќање истата вечер.

 

Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен монографијата на добитничката на Златниот Венец, романската поетеса, Ана Бландијана, книгата на добитничката на наградата „Мостови на Струга“, Моника Херцег, монографијата „Кој е кој“, четирите буклети во рамки на едицијата Версополис, можеме да ја издвоиме тематската антологија „Арката на Ное“ чиј приредувач е Иван Џепаровски, а чија тема е посветена на местото на поетската претстава на животинскиот свет во современата македонска поезија, поточно во песните на претходните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“

Што се однесува до овогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, жири комисијата, согласно постоечкиот Правилник од пристигнатите наслови го направи изборот од пет книги и автори што ќе бидат претставени на Фестивалот и од кои ќе биде прогласен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ на прес-конференција во рамки на Програмата на Фестивалот.

Листа од пет книги и автори одбрани за наградата „Браќа Миладиновци“ (по азбучен ред според презимето на авторот)

  1. Митко Гогов, Скриено писмо. Скопје: Антолог, 2019
  2. Јовица Ивановски, Човек. Скопје: Ј. Ивановски, 2019
  3. Наташа Сарџоска, Крстна коска. Скопје: ПНВ Публикации, 2019
  4. Билјана Стојановска, Стан што се распаѓа. Скопје: Галикул, 2018
  5. Катица Ќулавкова, Мои страсти, мои страданија. Скопје: Три, 2019

Струшките вечери на поезијата го претстави и промотивното видео на фестивалот, коешто е инспирирано од јагулата како мотив, но и од симболиката на копнежот по утоката и нејзиното циклично враќање, поврзана со копнежот на Константин Миладинов изразен во најпознатата песна Т`га за југ.  Видеото е во продукција на Зоотроп Студио, по сценарио на Јаков Попоски и креативните решенија на Огнен Танчески, којшто воедно е автор и на графичкиот дизајн и сценографиите на овогодишното издание на Струшките  вечери на поезијата.

Музичката подлога на видеото е фрагмент од познатото дело на Сергеј Рахманинов, Прелудиум опус 23 број 5 во G мол.

Ова дело, во изведба на истакнатиот македонски пијанист Дино Имери, ќе биде составен дел од пригодната музичка програма во рамки на Портретот на лауретот што ќе се одржи на 24.08.2019 во катедралниот храм Св. Софија во Охрид.


Видете следно

Промовирана InnoTech Club, платформа за зголемување на свесноста за наука, технологија и иновации

Во услови кога се соочуваме со одлив на млади и кадар од земјава, а уделот …