Студентска онлајн дебата „Имам нешто да кажам за мојата иднина“


Денеска, 27.4.2021 година, на интернет платформата „Зум“ (ZOOM) се одржа онлајн студентска дебата на тема „Имам нешто да кажам за мојата иднина“ (I have something to say about my future) по повод 9. Мај, Денот на Европа, во партнерска организација на Европското движење во Република Северна Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, која со учество на педесетина студенти од повеќе универзитети во земјава, беше добра можност да се слушне во какво општество сакаат да живеат младите.

Претседателката на Европското движење, проф. д-р Милева Ѓуровска, ги покани студентите да кажат со кои предизвици се соочуваат, кои европски вредности се важни за нив и да ги споделат своите размислувања со јавноста. „Нема доволно платформи каде можат да се слушнат младите и затоа покрај оваа дебата, Европското движење наскоро ќе отвори и младинска платформа, во која студентите од оваа генерација како носители на иднината ќе можат поконкретно да ги искажат предизвиците со кои се соочуваат на патот на Македонија кон Европската Унија“, изјави Ѓуровска.


Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер ги повика младите да не бидат молчаливи, бидејќи демократијата не завршува кога ќе се изберат членовите на Собранието и на Владата, туку има уште многу важни работи за кои треба да се разговара секојдневно. „Сакам да ве охрабрам да одите по овој пат во иднината зашто вие сте вашата иднина“, им порача Браун.
Дејан Димитриев се фокусира на образованието, на кое смета дека треба да се обрати големо внимание со цел да се реформира и да се прилагоди на потребите на младите. Воспитно-образовниот систем, според него, треба да придонесе една млада личност полесно го восприема овој процес уште во најраната возраст, а потребна е и деполаризација на наставниот кадар. „Во процесот на реформата на образованието, која е очајно потребна, треба да се вклучат и студентите, младите родители и други фактори, а не само неколку советници од МОН, бидејќи тие не се кадарни сами да го реформираат образованието“, рече студентот Димитриев.

Јован Јанев, пак, смета дека „Колку ќе биде успешна иднината зависи од нас, бидејќи ние треба да ги надминеме проблемите што не успеале нашите родители. Треба да ја согледаме општествената реалност и да ја подобриме. Додека не почнеме да дејствуваме со сериозни активности како што се ваквите дебати, на кои може да се слушне нашето мислење, ќе продолжиме да се соочуваме со поделеност. Мислењето на младите ја креира иднината“, рече тој. Според него, живееме во општество во кое е многу малку важно мислењето на младите, но промената во образованието, тоа може да го смени.
Филип Миленковски од Американ колеџ, кој рече дека е проевропски ориентиран, се заложи пристапот до образованието да биде еднаков за сите, а Адиса Личина направи споредба со студентите од Германија, каде на децата им се дава поширока можност да изберат своја професија и да изберат каде ќе живеат, а по 18 година почнуваат сами да се грижат за себе. Сара Јосифовска, студентка на Американ колеџ, зборуваше за немање мотивација кај младите, а Јована Станковска од социологија побара да се зголеми толеранцијата и да се намали сиромаштијата. Јасир Асани од Тетово укажа на фактот дека голем број од нивните врсници се заминати или се надеваат дека ќе заминат во земјите на ЕУ, бидејќи сметаат дека не можат да се најдат во својата држава, а Никола Донев смета дека „демократијата не е лесна работа, особено кај нас, каде транзицијата не се спроведе со една социјална правда“. Студентот Ристо Савев рече дека младите можат да придонесат во развојот на демократијата преку своето образование, додавајќи дека „Европските вредности можат да произлезат и од самите нас и да се пренесат понатаму“.

Во своето емотивно обраќање, Цвета Ангелова рече дека се чувствува заробено, депримирано и немотивирано и поради тоа ќе ја напушти државата. „Кога влегувам во училница само гледам кога ќе ми падне покривот над глава и дали ќе ми се вплете лилјак во косата. Вака ќе биде додека не дојде едуциран и чесен кадар. Недозволиво е професорот да не знае македонски литературен јазик, туку на час да зборува на дијалект. Ова е колективен, а не само мој личен проблем, изјави таа.
И покрај тоа што во дебатата доминираше негативната перцепција на студентите за актуелната состојба и разочараност од стагнацијата на евроинтеграцијата, иселувањето и слабите перспективи, на дебатата можеше да се слушнат и оптимистички дискусии. Студентот Мурат Али не се согласува дека младите треба да ја напуштат државата, туку дека тие треба да останат тука и сами да се изборат и да го изодат патот до подобра иднина, а не да чекаат некој да им ја даде на тацна. И Мила Младенова, студентка по медицина, зборуваше за членството во ЕУ. Таа смета дека самото членство нема да ни ги реши проблемите во општеството, туку нив треба да ги решиме самите.

Со студентската дебата, всушност, почна традиционалното одбележување на Денот на Европа што Европското движење во Република Северна Македонија, како дел од Меѓународното европско движење, од своето формирање во 1991 година, го организира секоја година со низа активности со цел да придонесе во промоцијата на европските вредности.


Видете следно

Успешно заврши натпреварот Regional Youth Peace Lab 2021

На онлајн настан беа прогласени победниците на регионалниот натпревар Regional Youth Peace Lab 2021, на …