СУБВЕНЦИИ ЗА ГРАЃАНИТЕ ЗА КУПУВАЊЕ НА ЕЛЕКТРИЧНИ ТРОТИНЕТИ


Советот на Град Скопје на денешната 19-та седница ќе расправа за поголем број на одлуки и програми за работата на Градот Скопје.

На денешната седница Советот ќе одлучува за Одлуката за определување на максимален износ за доделување на поединечна субвенција на граѓани за купување на електрични тротинети за 2018 година. Со оваа одлука е предвидено да се пренаменат дел од неискористените средства од субвенциите за велосипеди, во делот за велосипеди за лица со посебни потреби, каде заинтересираноста беше послаба и дел од средствата предвидени за таа намена останаа неискористени. Со предложената одлука, Советот на Град Скопје го определува максималниот износ за доделување на поединечна субвенција на граѓани за набавка на електрични тротинети за 2018 година во износ од 50% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Дополнително, на денешната седница советниците ќе одлучуваат и за одлуката за одобрување на набавкa на патнички моторни возила, со што е предвидена набавка на шест еколошки-хибридни возила и едно транспортно возило за повеќе патници за потребите на градската администрација.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и за давање  согласност за промената на Статутот на jавната установа Универзална Сала- Скопје, со која оваа институција го враќа стариот назив во Универзална сала.

На денешната седница Советот ќе одлучува и за Одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Градот Скопје и Општината Бутел, за изградба на атмосферска канализциона мрежа, на потегот од бул. “Христијан Тодоровски – Карпош“ до река Серава – Општина Бутел. Со оваа одлука се предвидува учество на Градот Скопје во изградбата на атмосферска канализациона мрежа во Бутел, со што ќе се создадат услови за решавање на еден од важните комунални проблеми на жителите во овој дел од Скопје. Со оваа одлука е предвидено Градот Скопје да учествува со 32.390.611 денари, а средствата да се издвојуваат од буџетите на Град Скопје за 2018, 2019 и 2020 година.

Советот на Град Скопје на денешната седница ќе решава и за две точки поврзани со работата на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Со првата одлука се одобрува набавка на 2 специјални комунални возила за странично собирање и транспортирање на комунален отпад од статични контејнери со капацитет од 2.200 и 3.200 литри, за што се предвидени 24 милиони денари, како и набавка на статични контејнери за одлагање на комунален отпад со капацитет од 3.200 литри, за што се предвидени 40 милиони денари. Со втората одлука се пренаменуваат средства од Буџетот на Град Скопје, односно 3 милиони денари сега ќе бидат предвидени за набавка на опрема за стационарот „Вардариште“.

Измените и дополнувањата на поголем број програми за работа на Градот Скопје ќе бидат дел од денешната седница каде што предмет на расправа ќе бидат Програмата за изработување на урбанистички планови за 2018 година, Програмата за изменување и дополнување на програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Град Скопје за 2018 година, Програмата за активностите на Градот Скопје од областа на средното образование во 2018 година, како и Програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на Град Скопје за 2018 година.

 


Видете следно

Marlboro Core 7.0 произведени во Тутунски комбинат Прилеп достапни на македонскиот пазар

Marlboro Core 7.0 кои се произведуваат во Тутунски комбинат Прилеп (ТКП), отсега достапни на македонскиот …