Свечено отворен седмиот регионален собир на бизнис лидери од регионот – САМИТ100


Вчера (01.10.2018г) во Белград свечено беше отворен седмиот регионален собир на бизнис лидери од регионот – САМИТ100. Годинава главна тема е дигиталната трансформација.

На отворањето присуствуваа претседателката на владата на Р. Србија, Ана Брнабиќ, претседателката на Српската асоцијација на менаџери и претседателка на УО на САМИТ100, Станка Пејановиќ, оперативниот директор на A1 Telekom Austria Group, Алехандро Платер и виш советник на Boston Consulting Group, Антонела Меи Почтлер.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на отворањето искажа увереност дека целиот регион вклучувајќи се во процесите на дигитална трансформација може да стане „регион на победници“. „Цврсто верувам дека четвртата индустриска револуција е огромна шанса за Србија и целиот регион да фатат чекор со развиениот свет“ – изјави Брнабиќ.

Според претседателката на Српската асоцијација на менаџери и претседателка на УО на САМИТ100, Станка Пејановиќ, на Самитот на 100 бизнис лидери од регионот годинава ќе бидат разгледани можностите како, поврзувајќи се, што подобро да ги искористиме придобивките од четвртата индустриска револуција за да го направиме регионот поразвиен и поконкурентен на глобалниот пазар. „Со заеднички напори можеме да направиме целиот регион да биде поконкурентен и да ги искористи предностите на дигиталната трансформација“  – истакна таа. Потоа додаде дека дигитализацијата отвора голема можност за развој на локалните економии и заедници и дека е потребно синхронизирано делување на стопанството и образованието за да им се овозможи на децата од регионот да бидат дел од светската економија но и за да имаме стручњаци за новите работни места во ИТ индустријата.

На панелот во рамки на САМИТ100 посветен на дигиталниот дијалог речено е дека инвестирањето на стопанствениците во дигиталната трансформација ќе има трајна вредност која постојано ќе се рефлектира во општеството и дека во тој процес нема назад. По пат на видео порака на присутните на панелот им се обрати и Марија Габриел, Европска комесарка за дигитална економија и општество.

Една од секогаш значајните теми на САМИТ100 е олеснувањето на трговијата во регионот. На панелот на кој учестуваа министрите на земјите од регионот беа претставени јасни акциони планови кои веќе се спроведуваат и во наредниот период ќе овозможат хармонизација на регулативите, взаемно признавање на документите и сертификатите меѓу земјите во регионот, како и заедничка контрола на границите со цел да се намали времето на чекање и трошоците во надворешната трговија.

Во рамките на дискусијата, вицепремиерот на Република Македонија, Кочо Анѓушев истакна дека регионот е повеќе врзан со Брисел отколку што се државите меѓусебе поврзани. Според него треба да се направат заеднички проекти, а државите и политиката да обезбедат поддршка за нив. „ Е-мобилноста е последната лекција која Македонија треба да ја научи и затоа мислам дека треба да се вратиме на основата. Земјите во регионот мора да бидат подобро поврзани, а ние како влада ќе работиме на изградба на подобра инфраструктура и создавање на подобри услови за компаниите како и побрз, поефикасен и побезбеден транспорт на луѓе и добра“ – рече Анѓушев.

На министерскиот панел, министерот за рударство и енергетика на Србија, Александар Антиќ ја истакна потребата од соработка во доменот на енергетиката и создавање на заеднички енергетски пазар. Министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Мирко Шаровиќ смета дека многу ќе се постигне со поедноставување на царинските процедури и подобрување на патната инфраструктура и поврзаноста, а според претседателот на собранието на Црна Гора, Бранимир Гвозденовиќ, „политиката мора да премине од зборови на дела“ односно да одговори на барањата на бизнис секторот.

Првиот ден од САМИТ100 заврши во позитивна атмосфера со многу разменети ставови, планови и искуства.

Иницијатор и организатор на САМИТ100 е Српската асоцијација на менаџери (САМ), со поддршка на Здружението на менаџери од Словенија (ЗМ) и Хрватската асоцијација на работодавачи (ХУП), за подоцна да се приклучат сите останати бизнис партнери од регионот: Атлас фондацијата од Црна Гора, Алкалоид од Македонија, BBI Bank и AСА холдинг од Босна и Херцеговина. Настанот ги собира најистакнатите бизнис лидери од регионот и политичките претставници од државите во регионот. Регионалниот состанок САМИТ100 на бизнис лидери е прв и единствен собир од ваков вид во регионот и е замислен како платформа за економска поврзаност и конкретен придонес на бизнис лидерите во политичките напори насочени кон подобрување на економската соработка и конкурентноста на регионот. Намерата на организаторот е, поврзувајќи ги бизнис лидерите и државниците, да ги отвори перспективите за зајакнување на конкурентноста на националните економии како и конкурентскиот потенцијал на цела Југоисточна Европа, а со тоа да овозможи зголемување на квалитетот на животот во регионот.


Видете следно

АНАЛИЗА: Скоро половина од државните фирми и јавни претпријатија со загуби!

 Од вкупно 29 Јавни претпријатија и акционерски друштва во целосна државна сопственост, 13 прикажале загуби …