Сведоштво на Ема Ананиевска: „Прво и основно треба да се смени свеста кај луѓето и да се објасни која е функцијата на куче-водич“


Лицата со оштетен вид секојдневно се соочуваат со многу предизвици. Државата треба да им обезбеди посебна заштита и услови за нивно вклучување во општествениот живот. Но, реалноста е многу поинаква. Вкупно 2.555 слепи и слабовидни лица се регистрирани во државава, но бројот на оние со ваква попреченост е поголем, пишува Види Вака.

Пијанистката Ема Ананиевска ја користи музиката за да ја зголеми свесноста на институциите за проблемите на лицата со слепило или со оштетен вид. Според неа, од голема помош, за да не зависат од луѓето би било донесувањето на Закон за куче-помошник.

„Целиот тој процес е нешто коешто дефинитивно треба да се направи да биде достапно кај нас. Меѓутоа, мислам дека во овој момент, тоа е доста тешко, затоа што, прво и основно со тоа куче треба јас да можам утре да влезам во продавница, или да влезам во автобус или во такси. Да тргнеме од моментот колку се кафулиња кај нас каде што можеш да седнеш со куче. Прво и основно треба тука да се смени свеста кај луѓето и да се објасни која е функцијата на куче-водич и дека тоа куче треба да смее да влезе секаде.“

Движењето надвор е невозможно без придружба. Лоша сообраќајна култура, немање услови во градскиот превоз, недостаток на звучни семафори и тактилни патеки…

„Еве, имаме патека во парк, супер, браво, имаме патека во парк. А јас во парк како да дојдам? Значи, треба некој да ме донесе до парк. Па после ти во парк, таа патека од 150 метри што е, оди ја, и толку. Не мораш повеќе да одиш, доста ти е. Значи, луѓето не знаат, треба да се информираат луѓето за што се тие патеки. Тие патеки треба да ги има низ целиот град, не само низ целиот град, туку низ целата држава треба да ги има. Пошто, ние не сме само во Скопје, нели,“ посочи Ананиевска.

На Ема Ананиевска слепилото не и било пречка за остварување на соништата, но стереотипите биле препрека.

„Треба да земеш млеко од доилка, да си ги намачкаш очите и така ќе прогледаш“. Јас во моментот и реков, избројав до сто мислам дека, за да не се расплачам во тој момент, тоа ми беше периодот кајшто секој коментар ме погодуваше и само и реков „Ви благодарам многу, да не бевте вие стварно не знам како ќе си го најдам лекот“. Излегов од автобус, отидов дома и  мислев дека два и пол часа плачев. Зашто цел автобус се сврте накај мене, да види кое е тоа „гревче“ коешто треба да се намачка со млеко од доилка или да оди во манастир, дека и такви коментари сум добивала,“ истакна Ема.

 


Видете следно

Кому правиме добро кога купуваме нов лаптоп?

Доколку се прашувате дали постојаните технолошки промени се корисни за општеството, компанијата увозник на DELL …