Светски ден на бегалците: Бројот на мигранти секоја година поголем за по неколку милиони


Воено-политичките конфликти и прогоните во родните земји се главните причини поради кои луѓето во изминатите неколку години се решаваат да ги напуштат своите домови и да избегаат во други земји. Податоците на меѓународните организации покажуваат дека изминативе пет години бројот на бегалци во светот постојано расте и од година в година бележи нов рекорд. Според извештајот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), во 2017 биле регистрирани вкупно 68,5 милиони бегалци, што е за три милиони повеќе отколку во 2016 година.

Меѓународните организации денеска (20.06.2018) го одбележуваат светскиот ден на бегалците, на кој УНХЦР потсетува дека речиси 70 отсто од лицата кои бегаат преку граница потекнуваат од само пет земји: Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мијанмар и Сомалија. Повеќе од половина од овие мигранти се малолетни, а во голем дел од случаите станува збор за деца кои при бегањето се раздвоени од своите семејства и на неизвесното патување се оставени без родителска заштита. Податоците покажуваат дека многу голем дел од бегалците се прифатени и згрижени од држави кои имаат ниски или средни приходи по глава на жител, а не од побогати земји каде населението има високи приходи. Досега најмногу бегалци згрижиле Турција, по што следат Пакистан, Уганда, Либан, Иран и Германија. Според меѓународните организации, загрижувачките растечки бројки за бројот на бегалци и внатрешно раселени лица во светот се аларм за богатите држави да покажат поголема хуманитарна одговорност кон овие лица.

Во изминатите 3 години, бегалската криза предизвика бурни промени во целиот свет, вклучително и во балканските земји, тестирајќи ги актуелните влади и политичари во почитувањето на законските рамки и основните човекови права. Иако голем број бегалци беа прифатени во Европа, значително голем е и бројот на оние кои ги изгубија своите животи на европско тло. На патот кон Европа, тие често наидуваа на омраза, ксенофобија и одбивање од страна на државите и граѓаните, а во поретки ситуации на отворени раце и добредојде.

Една од земјите која во изминатите 3 години се најде засегната како дел од таканаречената „Балканска рута” е и Македонија. Со цел да го одбележи светскиот ден на бегалците, Хелсиншкиот комитет за човекови на Република Македонија денеска организира тркалезна маса со наслов „Новиот закон за азил – подобра или полоша законска рамка за бегалците?”, на која се дискутира за новиот Закон за меѓународна и привремена заштита. На тркалезната маса учествуваат експерти за човекови права и правни експерти, кои укажуваат на практичните импликации на новиот закон за азил, како и предизвиците што ги отвора ова законско решение.

Овој настан се организира во рамките на проектот Help on the Route, што има за цел да го крене интересот на јавноста за позицијата и да ја подобри заштитата на човековите права на мигрантите, вклучително и барателите на азил, кои минуваат низ Македонија и Србија. Проектот го имплементира „Фондацијата Ана и Владе Дивац”. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е партнер во овој проект заедно со Новосадски хуманитарен Центар и Здружение на самарјанските работници. Дел од акцијата се и пет македонски и 15 српски организации кои работат на полето на миграцијата и барателите на азил.

Видете следно

Градоначалникот Георгиевски се сретна со италијанскиот амбасадор во  Р. Македонија, Карло Ромео

Градоначалникот на Бази Баба, Борис Георгиевски, денеска се сретна со амбасадорот на Италија во Македонија, …