Breaking News

Светски ден за борба против СИДА, во земјава од ХИВ/СИДА починале 123 лица


Според Светската здравствена организација (СЗО), ХИВ и понатаму останува глобален проблем за јавното здравје. Повеќе од два милиони луѓе во Европскиот регион на СЗО се погодени од ХИВ.

Оценката на СЗО е дека во последните неколку години нема напредок кон постигнување на целите за ХИВ. Намалени се ресурсите, а како резултат на тоа, голем број животи се загрозени.


Во земјава, до 2022 година од ХИВ/СИДА починале 123 лица, а 451 лице живее со ХИВ/СИДА.

Во текот на октомври, согласно податоците објавени од Институтот за јавно здравје, регистрирани се пет нови случаи . Сите пријавени се со ХИВ. Регистриран е и еден смртен случај од ХИВ/СИДА.


За ХИВ/СИДА не постои лек, но постојат лекови што ја успоруваат болеста. Со цел да се заштитите од ХИВ/СИДА потребно е да се практикуваат сигурни сексуални односи со користење на кондом. За да дознаете дали сте позитивни на ХИВ потребно е да се направи тест. Тестот за ХИВ се препорачува да се направи најмалку три месеци, а во некои ситуации и до шест месеци од ризичното однесување.

Од СЗО ги повикуваат глобалните лидери и граѓаните да ги препознаат и да ги решат нееднаквостите што го кочат напредокот во ставањето крај на СИДА-та и да се изедначи пристапот до основните услуги за ХИВ, особено за клучните популации – мажи кои имаат секс со мажи, трансродови лица, луѓе кои користат дроги, сексуални работници, затвореници и мигранти – и нивните партнери. ки/бак/


МИА