Светскиот ден на здравјето во Делчево се одбележува во знак на зголемениот број случаи и вакцинацијата против Ковид-19


Одбележувањето на Светскиот ден на здравјето во Делчево поминува во знакот на зголемениот број случаи со Ковид-19 како и вакцинацијата на граѓаните од старосните групи. Директорката на делчевскиот здравствен дом Марија Глигоровска истакна дека иако во изминатите години по повод значајниот датум се организирале семинари, предавања и други активности, во последните две години се е подредено на Ковид пандемијата.

-Секоја година по повод Денот на здравството имаме голем број на активности, но овие две години помина во знакот на корона, минатата година немавме никакви манифестации, исто како и годинава. Она на што сме фокусирани е зголемениот број случаи кои во Делчево се регистрирани како тешки случаи, што практично значи дека се повторува оној бран од пред три-четири недели. Пациентите се во болниците во Штип, Скопје, кои за жал се полни со наши пациенти, вели Глигоровска.

Во однос на вакцинацијата директорката додаде дека вакцинирањето во Делчево и Македонска Каменица ќе заврши заклучно со четврток.

-До четврток ќе вакцинираме, закажани ни се пациентите со тоа што засега ќе вакцинираме толку колку што имавме слободни термини за пациенти над 77 години. Имаме доволно персонал, матичните лекари навреме се договорија како ќе ги закажат пациентите, така да немаме никаков проблем во однос на вакцинирањето, додаде Глигоровска.

По повод Светскиот ден на здравјето денеска пунктот каде се одвива вакцинацијата против Ковид19 во Здравствениот дом „Гоце Делчев” го посети и делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој донираше заштитни маски и визири за вработените здравствени работници на пунктот. Честитајќи го Светскиот ден на здравјето, 7 Април, Трајковски изрази задоволство од текот и одзивот на граѓаните за вакцинација против Ковид-19.

-Вакцината е единствен начин да се победи коронавирусот и во таа смисла ме радува фактот што во Делчево вакцинацијата се одвива без проблеми и досега се вакцинирани над 120 повозрасни наши сограѓани и што граѓаните го препознаа значењето на имунизацијата како основна алка во борбата со оваа пандемија. Овој ден, кога се одбележува Светскиот ден на здравјето, изразуваме благодарност на здравствените работници за нивниот труд и пожртвуваност во борбата за нашето здравје, рече Трајковски.

Светскиот ден на здравјето 7 април, делчевскиот здравствен дом и здравствената станица во Македонска Каменица го дочекаа со комплетно реновирани внатрешните простории, активност која се реализираше со поддршка на Министерството за здравство. вс/свс/

Делчево, 7 април 2021 (МИА)


Видете следно

295 санкции за брзо возење на патот Скопје-Охрид, продолжуваат засилените контроли (видео)

Министерството за внатрешни работи во изминативе денови спроведува засилени акциски контроли на делницата Скопје-Охрид-Свети Наум, …