„Свислион” нов партнер на Општина Центар во проектот „Нула Глад”


Уште една општествено одговорна компанија се приклучи кон активностите на Општина Центар за месечна помош на семејства со висок социјален ризик, информираат од Општина Центар.

– „Свислион” ДОО од Скопје е последниот партнер на Општина Центар и Банка за Храна МК во подготовка на месечните пакети кои ги општината ги доставува до оние граѓани на кои оваа поддршка им е најпотребна, соопштија од Општина Центар.

Општина Центар, Трговското друштво за прехранбена индустрија „Свислион” ДОО Скопје и невладината Банка за Храна МК потпишаа меморандум за соработка во редовните активности поврзани со проектот „Нула Глад”. Проектот „Нула Глад” е проект кој општината го реализира во соработка со невладината организација Банка за Храна МК. Проектот има за цел помош и поддршка на социјално загрозени семејства и преку него општината дава свој придонес во справувањето со сиромаштијата и гладот.

– Благодарност до управителот на Свислион, Александар Јаниќ и до компанијата, кои со овој чекор служат за пример и на други компании, да бидат општествено одговорни и да придонесат во секојдневните општествени процеси”, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Со проектот „Нула Глад” во Општина Центар, по претходно добиен список од Министерството за труд и социјална политика, 150 семејства со висок социјален ризик месечно добиваат пакети со храна и хигиенски производи.

„Свислион” со потпишувањето на меморандумот за соработка им се приклучи на досегашните партнери во проектот, маркетите „Рамстор”, „Кам”, „Веро”, „Тинекс”, „Жито Маркети”, „Стокомак” и „Гранап”. оџ/сп/

Скопје, 16 јануари 2021 (МИА)


Видете следно

ССМ: Социјалниот дијалог треба да се прошири и на прашањето за родовиот јаз во платите

Социјалниот дијалог треба да се прошири и на прашањето на родовиот јаз при исплата на …