СЗО: Богатите земји мора да соработуваат со Ковакс


Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денеска ги повика богатите земји, пред да нарачаат дополнителни дози на вакцини против Ковид-19 за себе, да проверат дали тоа ги нарушува напорите за давање вакцини на сиромашните нации.

Лидерите на Г7 во петокот рекоа дека ќе го забрзаат глобалниот развој и примената на вакцини и ќе поддржат „правичен пристап до вакцини” и лекови против Ковид-19.

Тедрос им се заблагодари на земјите од Г7 за „значајните” ветувања, но по денешниот разговор со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека „дури и да имате пари, а не можете да ги користите за купување вакцини, имањето пари не значи ништо”.

Тој рече дека барањата на богатите земји до производителите да обезбедат повеќе вакцини „влијаат на работата со Ковакс, па дури поради тоа е намален и износот наменет за Ковакс”.

Тедрос додаде дека богатите земји мора „да соработуваат во почитувањето на договорите склучени со Ковакс и да бидат сигурни дека, пред да бараат повеќе вакцини, нивните барања не ги нарушуваат тие зделки”.

– Но, мислам дека не го поставуваат тоа прашање, рече тој.

Тедрос, кој претходно предупредуваше дека светот ќе се соочи со „катастрофален морален неуспех” доколку вакцините против Ковид-19 не бидат дистрибуирани правично, рече дека ги разбира политичките притисоци со кои се соочуваат лидерите во земјите со високи приходи.

Тој на денешната прес-конференција на СЗО прозна дека поделбата на дозите е тешка во време на недостиг и повика на значително зголемување на производството на вакцини.

Директорот на СЗО исто така му се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон кој ма Ковакс му додели пет проценти од француските дози, иако Франција не прецизираше кога ќе се дистрибуираат вакцините. јт/

Женева, 22 февруари 2021 (МИА) 


Видете следно

Јапонија за американските трупи на нејзина територија годишно троши 1,9 милијарди долари

Шефот на јапонската дипломатија Тошимицу Мотеги денеска изјави дека Јапонија ќе потроши 1,9 милијарди долари …