ТАВ ја завршува рехабилитацијата на пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје, од утре од 17 часот летовите се нормализираат


ТАВ Македонија, за утре, сабота, 28-ми мај, најавува дека ќе ја заврши рехабилитацијата на пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје и од 17 часот попладнето летовите ќе почнат да се одвиваат во текот на целото деноноќие.

Градежните работи за рехабилитација на пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје почнаа на 28-ми март и оттогаш досега распоредот на летови беше изменет, односно летовите се одвиваа од 17 часот до 9 часот секој ден, а од 9 часот до 17 часот се работеше на пистата.


„Овој голем инвестициски проект завршува по 62 дена градежни работи за обновување на асфалтот на пистата на скопскиот аеродром. Ние во ТАВ сме задоволни и уверени дека успешното завршување на проект од овој вид за првпат по реконструкцијата на пистата во 1996 година ќе обезбеди повисок квалитет на аеродромските услуги. Би сакале да се заблагодариме на сите засегнати страни и чинители бидејќи навистина ја цениме нивната соработка, поддршка и придонес”, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје е долга 2.950 метри и широка 45 метри, а овој проект за рехабилитација на пистата е прв по реконструкцијата на пистата на скопскиот аеродром во 1996 година, кога истиот бил целосно затворен за сообраќај во период од 2,5 месеци, а авиосообраќајот бил префрлен на охридскиот аеродром.


ТАВ Македонија ги советува патниците редовно да ги следат и проверуваат веб-страниците на авиокомпаниите, со цел да ги видат најновите/евентуалните измени за летовите од/до Меѓународниот Аеродром Скопје.

На веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје, во категоријата „Летови” (Пристигнувања/Заминувања) информациите за евентуални промени во редот на летање се ажурираат редовно и во реално време, како што ТАВ Македонија ги добива од авиокомпаниите.



Видете следно

South Side Cocktail Bar – првиот крипто бар во Македонија

South Side Cocktail Bar е прв и единствен крипто коктел бар во Македонија, сместен во …