Breaking News

ТЕНДЕРИ: РУД-КОП ЗА 6 ГОДИНИ „ИСКОПА“ ТЕНДЕРИ ВО ВРЕДНОСТ ОД ОКОЛУ 43 МИЛИОНИ ЕВРА


Порталот Пари веќе анализираше кои се компаниите што ги добиле најголемите 5 тендери во текот на годинава, а во ова продолжение зборуваме за втората петорка од листата ТОП 10 НАЈГОЛЕМИ ТЕНДЕРИ.

На врвот од листата втори ТОП 5 компании е Руд-коп од Битола, која на 3 октомври годинава склучила договор со ЕСМ вреден 11,5 милиони евра за ископ на инвестициска откривка во Рудникот Брод-Гнеотино, во рамки на РЕК „Битола“. Ист ваков тендер и за иста сума Руд-коп има добиено и во 2021 година. Но, покрај тоа, компанијата редовно учествува и врши и други услуги за РЕК „Битола“, а во врска со ископот на јаглен. Во 2020 година, компанијата добила тендер од 5,4 милиони евра за ископ на кровинска јаловина во Брод-Гнеотино, во 2019 година ‒ 5,5 милиони евра за ископ на јаглен, меѓуслојна и кровинска јаловина во ПЕ рудник во РЕК „Битола“.


Груба пресметка покажува дека Руд-коп, од 2017 година до сега склучил договори со ЕСМ за околу 43 милиони евра.

Всушност, во изминативе децении ЕСМ беше мета на критики за тоа дека дава огромни пари за вакви неопходни активности, место сама да набави механизација. Во последниве години компанијата купува механизација за потребите на јагленокопите, но сѐ уште не е самостојна од аутсорсинг-услугите, кои чинат скапо.


На второ место во втората петорка се наоѓа ТОП Билд од Скопје, компанија која е носител на рамковната спогодба, но во која учествува со Хифа-оил од Босна и Херцеговина. Тие добиле тендер од 9 милиони евра за битумен за производство на асфалт, а нарачател е ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта. Станува збор за рамковна спогодба склучена на две години, што значи дека парите не мора да бидат искористени во целост.

Агенцијата за храна и ветеринарство ќе гради нова зграда, а договорот на 10 март годинава го склучи со Бауер БГ – Скопје за 8,4 милиони евра. Бауер БГ може да се види како чест градител низ Македонија, добитник на низа тендери, а најголем е тендерот во 2017 година за изградба на Драмски театар, за 10,2 милиони евра.


Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони за изградба на инфраструктура во ТИРЗ Штип и во ТИРЗ Струмица ја избрала Зобек мининг груп од Скопје (на тендерот се јавиле две фирми) и според договореното треба да ѝ плати 8,2 милиони евра.

На десеттото место на најголеми добитници на тендери за оваа година е трговецот со струја Енерџи деливери солушн, кој ќе го снабдува со електрична енергија ЈП Водовод и канализација за 7,7 милиони евра. На тендерот се појавиле 4 трговци. Предмет на договорот е набавка на струја во рок од 12 месеци, почнувајќи од 1.09.2022 до 31.08.2023 година.

„Вкупната вредност на договорот за јавна набавка на електрична енергија – по спецификација, ќе се утврди врз основа на извршената испорака на вистинските количини на kwh во текот на важноста на договорот според потребите на потрошувачот во период од 12 месеци, но не повеќе од износот на проценетата вредност на набавката од 380.000.000 денари без ДДВ, односно 448.400.000 денари со ДДВ“, пишува во договорот.

ВТОРА ПЕТОРКА НА НАЈГОЛЕМИ ДОБИТНИЦИ НА ТЕНДЕРИ ВО 2022 ГОДИНА (заклучно со 19.11.2022 година)

НАРАЧАТЕЛДОБИТНИК НА ТЕНДЕРОПИСИЗНОС (ВО МИЛИОНИ ЕВРА) СО ДДВ
ЕСМРуд-коп БитолаИскоп на откривка Брод-Гнеотино11,5
ЈП за одржување и заштита на регистрални и магистрални патиштаТОП Билд СкопјеБитумен за асфалт9
Агенција за храна и ветеринарствоБауер БГЗграда8,4
Дирекција за технолошко-индустриски развојни зониЗобек мининг груп СкопјеИнфраструктура8,2
ЈП за државни патиштаЕнерџи деливери солушнсНабавка на струја7,7

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/tenderi-rudkop-za-6-godini-iskopa-tenderi-vo-vrednost-od-okolu-43-milioni-evra/