Тренчевска: Со новото законско решение за мобинг ќе ги охрабриме работниците безбедно да пријавуваат вознемирување на работното место


Министерството за труд и социјална политика во моментот работи на измени и дополнување на Законот за заштита од вознемирување на работното место, чија цел е работниците да бидат што повеќе охрабрени да пријавуваат мобинг на работното место, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

-Работиме на измени и дополнувања за јакнење на заштитниот механизам на работниците. Моменталното решение не нуди поголема заштита. Поради тој аспект одиме на промена на ова законско решение. Во моментов воспоставената Комисија за заштита од дискриминација има можност да постапува во случај на пријава на мобинг. Комисијата има надлежност и можност да истражува, да доаѓа до докази коишто ќе одат во прилог на едната или на другата страна, рече министерката Тренчевска во интервју за Алсат ТВ.


Тренчевска, како што соопштија од МТСП, посочи и дека Владата постојано презема конкретни чекори за воспоставување на сеопфатен и ефикасен систем за превенција и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.

-Министерството за труд и социјална политика води збирни податоци за жртви на семејно насилство. Од јануари до септември, 863 жртви се жени, 215 се мажи и 153 се деца. Сторителите во најголемиот број на случаите се мажи. Нашата интенција е до крајот на нашиот мандат да воспоставиме во речиси сите градови советувалишта и центри за заштита. Со буџетот за оваа година планираме да отовриме уште пет советувалишта и тоа во Кичево, Гостивар и Куманово. Во моментот постојат и функционираат 13 центри за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолништа/кризни центри). Од нив осум се воспоставени од МТСП. Дел од другите сервиси се финансирани од МТСП, а се менаџирани од граѓанска организација. Исто така, имаме 10 советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство, од кои осум се на МТСП едно е финансирано од нашето Министерство, а го менаџира граѓанска организација и имаме уште едно кое го финансира локалната заедница. Како Министерство имаме воспоставено и девет советувалишта за психосоцијален третман за сторители на семејно насилство и уште три кризни центри за жртви на сексуално насилство, рече Тренчевска.


Тренчевска посочи дека главната цел на овие центри е да ги заштитат жртвите и да им овозможат да најдат вработување, егзистенција и да продолжат да живеат самостоен, спокоен, независен живот. вг/
Скопје, 27 јануари 2022 (МИА)


Видете следно

Костадиновска-Стојчевска: „Отворен Балкан” е можност три држави да споделат искуства на полето на културата

Министри за култура, претставници од агенции задолжени за филм, младински културни центри, големи државни и …