Третото издание на фестивалот на краток филм Winter Apricots во Прилеп


Третото издание на Интернационалниот филмски фестивал Winter Apricots ќе почне овој четврток во Прилеп, со солистички концерт на пијанистката Дуња Иванова во киното „Мис Стон“ каде ќе прозвучи музиката на извонредниот полски композитор Збигњев Прајснер и негови дела од неколку филмски остварувања.

Фестивалот кој што ќе трае до сабота носи и доста новитети во филмската програма која ќе биде кохезивна и ќе се состои исклучиво од кратки филмови. Прикажувањето на 10-те финалисти од официјалната селекција, што воедно е и јадрото на фестивалот ќе биде во петок и сабота навечер.

Придружната програма, која што ќе започне од четврток е составена од денс-филмовите од италијанскиот фестивал „Stories We Dance“ и две други натпреварувачки селекции. Првата селекција за свој фокус ќе ја има темата „Патишта“, додека втората ќе биде националната селекција од која што публиката ќе го изгласа најдобриот краток македонски филм.

Во сабота на пладне ќе се одржи работилница за филмска критика: „Интерактивно дружење со сите кои се чувствуваат потенцијални филмски рецензенти, преку теориски и практични примери до квалитетна филмска критика“ со Влатко Галевски.

Завршната церемонија на која што ќе бидат прогласени победниците е во сабота вечер, а посетителите ќе можат да уживаат и во концерт на бендот Калевала.

Сите активности ќе бидат со бесплатен влез за сите посетители и ќе се одржат во киното „Мис Стон“.


Видете следно

ГДУ: Премиере, почнете да барате оставки од оние кои не му служат на народот. Почнете од градоначалникот на Аеродром, Златко Марин

Ви пренесуваме интегрален дел од текстот од соопштението на ГДУ: „Наместо дрва, никнаа згради. И …