Три милиони евра ќе се инвестираат во улици, кружни текови, патеки и за сообраќајни решенија


Три милиони евра ќе се инвестираат во улици, кружни текови, патеки и за сообраќајни решенија во 16 општини во земјава. Овие средства се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски и Владата, информираше на денешната прес-конференција во Штип, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

-Владата на вчерашната седница ја усвои Предлог одлуката на Министерството за транспорт и врски за распределување на капитални дотации, средства за 16 општини, со што Општина Штип добива девет милиони денари, за реализација на проект, којшто е проектиран и чека реализација поради тоа што средствата на општината се ограничени, а посебно во време на ковид кризата, кога се намалени приходите на општините, вели Бочварски.

Посочи дека проектот за поставување конзоли на реката Отиња, со што улиците и од двете страни на Отиња ќе станат двонасочни е поделен во фази.

-Првата фаза би била реализација на конзолите на едната страна од реката, односно по улицата „Васил Главинов” од мостот кај црквата Свети Никола до мостот кај зградата на судот. Така што, во овој дел ќе добиеме целосно двоен проток на возила, а веќе знаете дека со втората платформа го решивме и паркирањето, а со овој проект го решаваме и сообраќајот, вели Бочварски.

Вршителот на должност градоначалник на Општина Штип, Јане Миланов се заблагодари  на Владата за одвоените средства, за овој значаен проект за Штип.

–Проектот е влезен во планот на програми за развој со тригодишна динамика на реализација, односно фазно дел по дел. Првата фаза ќе биде левиот дел на река Отиња, од мостот кај црквата Свети Никола до мостот кај Основен суд Штип, односно по улицата Васил Главинов од страната на зградата на општината. Со овој проект ќе се ослободи уште една лента и со тоа се намалува сообраќајниот метеж, рече Миланов. вдј/лв/

 Штип, 25 ноември 2020 (МИА) –


Видете следно

Акциска контрола на полицијата во Кавадарци и Неготино, изречени 93 мерки

Сообраќајната полиција изрекла 93 мерки за време на вчерашната акциска контрола во Кавадарци и Неготино. …