Царовска: Младинскиот центар во Гостивар ќе биде поддршка на младите од целиот полошки регион


Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалникот Арбен Таравари и Постојаната претставничка на УНДП во државата, Нарине Сахакијан денеска потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу трите институции за отворање на Младински ресурсен центар во Гостивар кој ќе го опслужува целиот полошки регион.

Меморандумот беше потпишан во рамките на дводневната работилница „Младинско лидерство и партнерство за подобра иднина“, на која учествуваа над 50-тина претставници од локалната заедница, млади, институции, бизнис секторот, невладиниот сектор, но и од локалните самоуправи од Полошкиот регион. Се дефинираа главните цели и аспекти на работењето на Младинскиот ресурсен центар.

„Овој центар е од огромно значење за полошкиот регион и тој ќе биде од огромна поддршка на младите бидејќи овој регион има огромен бизнис потенцијал и тоа го гледам од спроведување на мерките и програмите од Оперативниот план за 2019 година. Од вкупно воспоставени 1.484 бизниси од програмата Самовработување за 2019 година дури 350 се во полошкиот регион. Исто така, ме радува што од вкупниот број отворени бизниси дури 38 % се од млади лица“, рече Царовска.

Министерката истакна дека Владата продолжува да ги јакне младите и да инвестира во нив. Со најновата мерка Младински додаток секое младо лице до 23 годишна возраст вработено во производство ќе добива месечен надоместок од 3.000 денари. Исто така, активните мерки за вработување од Оперативниот план се прават во консултација со бизнисите се со цел да се овозможи поголема вработливост на младите лица.

„Младите невработени лица и нивната транзиција до вработување е еден од фокусите на Програмата за развој на Обединетите нации. Формирањето на Младинскиот ресурсен центар во Гостивар ќе служи како младински хаб за целиот полошки регион кој ќе понуди широк спектар на сервиси поврзани со младите и работодавачите. Во исто време, Центарот ќе биде и стимулативна средина за локалните старт – ап компании, но и дополнителна поддршка за иницијативите поврзани со социјалните претпријатија.“ – изјави  Нарине Сахакијан, Постојаната претставничка на УНДП во државата.

Градоначалникот Арбен Таравари го истакна задоволството што токму Општина Гостивар е избрана за место каде што ќе профункционира ваков тип на Младински центар, со надеж дека ваквиот модел на младинска поддршка ќе може да се реплицира и во другите општини, но и во регионот.

Стефано Томаџиан, заменик Амбасадор на Швајцарија, истакна дека младите се иднината на секоја држава.

„Драго ни е што имаме можност за поддршка на ваков тип на активности насочени кон младите, кои преку Младинскиот ресурсен центар ќе имаат можност да бидат креатори на сервиси и услуги фокусирани токму на нивните потреби“,  истакна Томаџиан, заменик Амбасадор на Швајцарија.

Иницијативата е дел од проектот „Креирања можности за работа на сите“ кој се реализира од УНДП во парнерство со МТСП и АВРМ, а со поддршка на Швајцарската агенција за соработка и развој (СДЦ).

 



Видете следно

ФИТР препознаен како успешен модел – поднесена иницијатива да се преслика на регионално ниво

Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ е препознаен како успешен пример во студијата …