Царовска на средба со коморите, синдикатите и организациите на работодавачи: Преку социјален дијалог продолжуваме со соработката во интерес на економскиот раст и развој


 Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања Мила Царовска, се сретна со претседателите на четирите најголеми стопански комори, претставници на синдикатите и претставници на организациите на работодавачи.

Вицепремиерката нагласи дека соработката помеѓу Владата, коморите, синдикатите и организациите на работодавачи е клучна во креирање на  ефективни и ефикасни економски политики, програми, проекти и мерки, за побрз и одржлив економски развој. Таа дополни дека досегашната соработка е на многу високо ниво, како и дека очекува во иднина уште потесна соработка за креирање на решенија со кои ќе се постигнат повисоки стапки на бруто домашниот производ и ќе се влијае на подигнување на животниот стандард на македонските граѓани.

„Во изминатите две и пол години, како никогаш претходно, Владата успешно соработува со коморите, синдикатите и организациите на работодавачи и како резултат на таа блиска соработка донесени се решенија со кои се задоволуваат интересите на сите засегнати страни: работниците, компаниите и државата. Како пример го имаме Законот за минимална плата, која со заеднички консензус определвме сега да изнесува 14.500 денари, што е за 60% повеќе во односн на 9.050 денари, колку што изнесуваше минималната плата на почетокот на мандатот. Мора да се истакне и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, преку кој во 2018 година, за првпат се овозможи поддршка на домашните компании, преку транспарентни и јасни критериуми кои важат за сите компании подеднакво, а со кој веќе се поддржани околу 200 компании“, посочи Царовска.

Вицепремиерката подвлече дека во изминатите две и пол години, активно се работеше и на креирање на програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот преку Оперативниот план кој го спроведува Агенцијата за вработување, кои пред се ги задоволуваат потребите на компаниите и реалните потреби на пазарот на трудот.

„Оперативните планови за 2018 и 2019 година се креирани исклучиво за реалните потреби на пазарот на трудот, а пред нивното донесување претходеа широки консултации со сите засегнати страни за да се направат мерки кои навистина ќе бидат за потребите на стопанството и невработените лица. Во 2019 година од буџетот издвоивме рекорден износ од 1,3 милијарди евра за Оперативниот план што е за 33% повисок износ од 2018 година или за 83% повисок износ од 2016 година. Преку Оперативниот план за 2019 година, поддржани се 1300 микро бизниси, овозможени се обуки и преквалификации за околу 1670 лица, додека со мерката пракиканство се опфатени 1700 лица, што претставува вистинска поддршка и за самите компании и за невработените. Со новиот оперативен план за програми и мерки за вработување продолжуваме да спроведуваме активности кои ќе влијаат на намалувањето на невработеноста во државата, со поддршка на самовработувањето, но и преку обуки и преквалификации со кои ќе се задоволат понудата и побарувачката на работна сила на пазарот на трудот“, дополни вицепремиерката Царовска.

Вицепремиерката рече дека во периодот кој следи Владата ќе биде посветена на унапредувањето на програмите во образовниот процес, со особен фокус на средните технички училишта  и техничките факултети, за да се следи процесот на индустријализација на земјата и да од образовниот процес излегуваа квалитетни, добро обучени кадри, за повисока продуктивност и ефикасност на компаниите, а со тоа и повисока конкурентност на домашниот и меѓународните пазари.

Во своето обраќање пред присутните Вицепремиерката Царовска додаде дека во изминатите две и пол години се направени исклучително големи чекори во енергетскиот сектор, при што го посочи донесувањето на Законот за енергетика, целосно усогласен со третиот енергетски пакет на Европската Унија, како и Законот за енергетска ефикасност, кој е во собраниска процедура, а со чие усвојување земјата ќе направи дополнителен исчекор.

Претставниците на коморите, синдикатите и организациите на работодавачи изнесоа свои видувања за идната соработка со Владата, а заедно со Вицепремиерката се согласија дека сите законски решенија, политики, програми и мерки, треба да се носат преку заедничка координација и широки консултации.



Видете следно

Швајцарија повеќе не ги сака лицата со бугарски пасоши

Дали Швајцарецот ќе го следи британскиот пример и ќе и сврти грб на ЕУ, прашува …