Breaking News

„Цивил“: На светот му се потребни сили што меѓусебно се поврзуваат и почитуваат, а Холокаустот да остане во темното минато


На Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, ЦИВИЛ како организација за човекови права потсетува на времето геноцидот врз европските Евреи за време на Втората светска војна, кога Помеѓу 1941 и 1945 година, нацистичка Германија и нејзините соработници систематски убиваа околу 6 милиони Евреи низ Европа окупирана од Германија.


ЦИВИЛ потсетува дека и ова глобално зло, во кое на грозоморни начини им се одземале животите на милиони невини луѓе само затоа што нацистите и нивните соработници во нивната извртена и антисемитска идеологија сметале дека Евреите (и не само) се понизок облик на живот што ја „контаминира“ ариевската „чиста“ раса, во самите почетоци на ова мега насилство, иницијално е поттикнувано со говор на омраза, а кое потоа прераснало во намерно физичко насилство со предумисла за фатални завршетоци.


Холокаустот врз европските Евреи останува најголемата дамка на човештвото, и не смее да се заборават огромните човечки загуби од кое светот можеби никогаш нема да заздрави.

Антисемитизмот сè уште постои низ светот, а ниту Северна Македонија не е исклучена од слични „идеолошки изблици“ кои во никој случај не треба да бидат оставени на случајност, и кои треба да бидат третирани како исклучително реална закана по општествениот поредок на земјата.


ЦИВИЛ порачува дека секаков антисемитски говор, поттикнување и следствено насилство од слични пориви се во најмала рака непримерни и деструктивни за едно општество кое се стреми кон повисока форма на егзистенција како човечки вид, во светот, и во земјава.

На овој ден, Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, ЦИВИЛ порачува дека на светот му се потребни сили што меѓусебно се поврзуваат, се почитуваат, признаваат и живеат за да остават светли спомени на генерациите што доаѓаат, а глобалното зло како што е Холокаустот, да остане во темното минато кое сепак е потсетник дека човекот е најголемото зло што може да му се случи на човештвото.


Да не се заборави, и никогаш повеќе да не се случи.

ЦИВИЛ