ЦИВИЛ: Првите шест часа од изборниот ден поминуваат мирно


Првите шест часа од изборниот ден поминуваат мирно, без посебни инциденти или поголеми проблеми во гласањето. Граѓаните се забележува дека излегуваат на гласање. Одѕивот е прилично солиден, рече денеска на прес-конференција претседателот на невладината организација ЦИВИЛ Џабир Дерала.

Забележани се, вели, помали нерегуларности низ целата држава. Дерала информира дека во избирачкото место 2920 во ОУ „Петар Здравковски – Пенко” во Скопје, избирачкиот одбор, како што рече, и по неколкуте молби сепак продолжува со арогантен дрзок однос кон нашите набљудувачи. Соопшти дека за ова ја известиле Државната изборна комисија (ДИК) и повика избирачките одбори да се однесуваат соодветно на законот.

Според ЦИВИЛ, нотирани се неправилности и на две избирачки места во Свети Николе за притисок врз набљудувачите. Во Избирачкото место 1947 фотографијата на еден гласач ја немало во изводот од избирачкиот список поради што не му било дозволено да гласа. Во село Ласкарци, Општина Сарај на избирачко место 2447-1 членови од ДИК го затвориле избирачкото место по дојава за несовпаѓање на избирачкиот список. Според извештајот од терен, избирачкото место престанало да работи околу 30 минути, а откако го провериле избирачкиот список се констатирало дека нема нерегуларности. Неофицијално, како што рече, проблемот настанал поради поткуп на гласачи.

Од страна на ЦИВИЛ забележани се групирања на повеќе лица пред две избирачки места во Општина Велес. Во избирачко место во село Јурумлери, Општина Гази Баба повеќе гласачи си носеле пенкала од дома, но Избирачкот одбори не им дозволил да гласаат со нив. Во Избирачкото место 093-1 во МЗ „Димитар Влахов” во Битола, гласач во инвалидска количка не можел да гласа поради тоа што избирачкото место било на првиот кат од институцијата, а нема пристапна рампа. Дерала апелираше да се почитуваат законите и стандардите.

Скопје, 15 јули 2020 (МИА)


Видете следно

Кордалов за МИА за темата образование: Дигитализацијата е од интерес на секого

Образовните институции имаа доволно време да дејствуваат и да преземат конкретни мерки и чекори кои …