Ученици, родители, професори и експерти активно вклучени во иницијативата за развој на „Фонд на млади умови” на ФИТР


Анализа на постојните инструменти за поддршка на мотивирани ученици, пропусти во системот, последици од неквалитетните реформи како и проблемите со кои се соочува наставниот кадар и учениците, беа меѓу главните теми на дискусија на четирите фокус групи што се одржаа на 8 и 9 јули во организација на Фонд за иновации и технолошки развој.

Целта на фокус групите беше собирање податоци кои потоа ќе се искористат во креирањето на стратешката програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, наречен „Фонд за млади умови”  на која ФИТР веќе работи повеќе месеци

Во дводневните дискусии беа вклучени претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Академијата за науките и уметностите, како и универзитетски професори, членови на стручните служби во училиштата, невладини организации, и засегнати родители и студенти.

„Најважно во овој процес во кој сакаме да создадеме програма заснована на потребите на младите, е сите тие инстанци што спроведуваат различни програми да имаат глас, бидејќи нашата цел не е да создадеме нешто ново, туку да надградиме на нешто што веќе функционира. Поради тоа треба да дознаеме кои се програмите засновани на докази што се успешни во земјата, и како да ги надградиме на национално ниво, но и да ги идентификуваме празнините и потребите,” истакна д-р Ребека Елис, меѓународен експерт и соработник на Фондот и УНИЦЕФ С. Македонија која работи и на изготвувањето на националната програма за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите и која ги водеше дводневните фокус групи.

Освен стручниот кадар од училиштата и родителите покажаа огромен интерес за креирање на една ваква стратешка програма за поддршка на младите, додека пак средношколците и студентите отворено зборуваа за нивните потреби и интереси, и даваа конкретни предлози за тоа како да се надминат моменталните недостатоци.

Враќање на секциите како воннаставни активности во училиштата, опремени лаборатории и кабинети, дополнителни часови на кои ученците ќе бидат слободни да ја изразат сопствената креативност, но и намалување на административната работа на наставниците, обуки за професорите да препознаваат талентирани деца беа некои од понудените можни решенија и мерки од учесниците.

Одржувањето на фокус групите беше следниот чекор по големата панел дискусија за развој и поддршка на талентирани деца што ФИТР ја организираше во март годинава со цел да се детектираат појдовните точки за креирање системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање на талентите и т.н. „меки вештини” кај младите.

Стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите – „Фонд за млади умови” на ФИТР, предвидено е да опфати поддршка преку веќе постоечки успешни иницијативи, да понуди нови мерки на поддршка за поттикнување на креативноста, иновативноста и претприемништвото кај младите, како и негување и унапредување на талентите кај децата.

Целта на оваа иницијатива на Фондот е да се креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите.


Видете следно

Арсовска: Потребна институционална поддршка за позиционирање на македонските брендови

Македонските брендови тешко се позиционираат, мала e застапеностa на нашите производи на глобалните пазари, a …