Ударот од кризата посилен врз децата, нејзиниот ефект продолжува, но интензитетот се намалува


Во 2022 година дополнителни 13 000 лица, од кои 5 000 деца, во државава, се под прагот на сиромаштијата, како резултат на ефектот од кризата, покажува денеска презентираната студија „Ефектите на кризата со храна и енергија врз децата и семејствата во Северна Македонија“, изработена од Институтот за истражување и економски политики Фајненс тинк, во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.


Таа проценка, како што изјави Марјан Петрески од Институтот Фајненс тинк, значи дека ефектот од кризата е посилен врз децата отколку врз другите популациски групи.


-Во студијата идентификуваме дека децата се дополнително ранливи кога се наоѓаат во домаќинства со повеќе од три деца и каде што нивото на образование на родителите е пониско. Ова е битно за да може соодветно да се таргетираат интервенциите на политиките, изјави Петрески, пред презентацијата на студијата.

Проценката од ефектот од владините мерки, пак, кои ги таргетираат цените и опфатот на домаќинствата, покажува дека тие ублажиле 30 до 60 проценти од ударот на кризата зависно кој индикатор се зема предвид и која популациска група. Но, потенцираше Петрески, овој ефект не е мал. Негативната страна е што најголем дел од мерките беа линеарни, што значи дека во услови на тесен фискален простор што дополнително се стеснува и таа линеарна компонента ќе мора понатаму да се намалува, рече Петрески.


Утврдена е потреба за натамошни мерки што ќе бидат стриктно таргетирани, односно ќе помогнат на сегментите од популацијата на којашто тоа и е најпотребно.

-Проценуваме дека ефектот од кризата продолжува, таа не е завршена, ќе биде присутна во текот на годинава, но интензитетот се намалува како резултат на благата стабилизација во сегментот на цените и одредено компензирање што ќе го направи порастот на номиналниот доход, согласно најавите за пораст на минималната плата, усогласувањето на пензиите, социјалната помош…, рече Петрески.лв/вј/


фото МИА