УЈП: Фирмите да не заборават на електронското пријавување данок


Во пресрет на новата законска обврска за ДДВ за задолжително користење на е-даноци, која стапува на сила од 2013 година, даночната администрација соопштува дека од вкупно 35.230 ДДВ-обврзници, само 178 досега ги презеле сите неопходни активности за електронско поднесување пријави и даночни биланси за данок на добивка до Управата за јавни приходи, односно се регистрирале со Дигитален сертификат на УСБ токен.

Како што објави УЈП, први кои треба да почнат со задолжително користење е-даноци од 1 јануари идната година, се 4.595 месечни ДДВ-обврзници, од кои во моментов само 98 се во целост подготвени да ги поднесуваат даночните пријави по електронски пат.

До крајот на идниот месец, обврска да се приспособат на новиот систем имаат уште 2.855 месечни ДДВ-обврзници, и 1.642 месечни ДДВ-обврзници кои воопшто не се регистрирани на е-даноци.

Со оглед дека станува збор за новина во даночното работење, УЈП апелира месечните ДДВ-обврзници навреме и во предвидените рокови да ги преземат сите неопходни чекори за користење на електронските услуги на УЈП. Во спротивно, постои ризик од 1 јануари да не можат да пријават ДДВ и данок на добивка во УЈП.

За практична примена на е-даночните услуги, во УЈП велат дека секој месец организираат обуки и советувања за даночните обврзници низ цела држава, а за повеќе информации во врска со обуките и сите други прашања поврзани со е-даноци, фирмите и сметководствените бироа можат да се обратат во Инфо- центарот на УЈП – 0800 33 000. (Ек.Р.)


Видете следно

Намален бројот на работници во индустријата

За 4,7 проценти е намален бројот на работниците во индустријата  во периодот јануари ‒ август …