Универзална сала се враќа од градот


Градоначалникот Шилегов и министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска потпишаа Писмо за намери преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала.

„Универзалната сала се враќа на градот. За таа цел потпишавме Писмо за намери со Министерството за култура преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала. Во неа ќе се организираат културни и спортски настани, а граѓаните на Скопје и воопшто на Република Македонија ќе имаат можност да ги остваруваат своите општествени и културни права и вредности. Предвидено е изградбата на салата да почне во 2019 година“ најави на денешната прес-конференција градоначалникот Шилегов.

Шилегов потсети дека салата веќе две години е затворена за посетители.

– Причините ги гледате зад мене. Реконструкцијата на Универзална сала, како симбол на солидарноста, во изминатите години беше само предмет на манипулација од претходната власт. Предизборно беа изработувани и презентирани во јавноста многу проекти, од кои беше реализирано само преименувањето на овој објект. Предизборните ветувања се провлекуваат уште од 2009 година. Но, ниту претходната локална власт, ниту претходната централна власт не направија напори да изградат нова сала. Години наназад никој не инвестираше во овој објект. Години наназад Универзална пропаѓа. Јас им ветив на златните славејчиња дека за јубилејниот 50-ти роденден ќе пеат во нова Универзална сала. Им ветив на моите сограѓани дека овој симбол на солидарноста ќе го добие својот познат сјај кој го имаше во минатото. Детските фестивали повторно ќе се вратат во Универзална – нагласи Шилегов.

Изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, за удобност на гледалиштето и за пристапност до објектот. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани, со дополнителни содржини за други културни институции.

„Денеска кога влегував внатре ја забележав плочата на која се испишани 35-те земји кои помогнале во изградбата на Универзалната сала по земјотресот во 1963 година. Последната реченица гласи: „Овој објект ќе остане како траен симбол на меѓународната човечка солидарност во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година“. Токму затоа, Универзална треба да се врати онаква каква што била. Токму затоа, Универзална повторно ќе претставува културно средиште на Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

Министерот Алаѓозовски нагласи дека денеска се означува почетокот на обновата на Универзална сала и изрази уверување дека одличната соработка со Град Скопје ќе придонесе да се изгради објект на културата според сите светски стандарди.

Видете следно

Делегација од МЗШВ учествуваше на Агро-економскиот форум меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа во Литванија

Прв пат после пет години Република Македонија се претстави со свој национален штанд на еден …