Усвоени Извештајот за финансиската стабилност во 2018 година и најновиот Квартален извештај на Народната банка


Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која ги разгледа и ги усвои Извештајот за финансиската стабилност во 2018 година и најновиот Квартален извештај на централната банка.

Во усвоениот Извештај за финансиската стабилност е утврдено дека финансиската стабилност се одржа и минатата година, при истовремено продлабочување на нивото на финансиско посредување. Финансиските институции функционираа во релативно поволен домашен амбиент, а ризиците од меѓународното окружување имаа ограничено влијание.

Банкарскиот систем, како главен сегмент од финансискиот сектор, ги подобри показателите за изложеноста на ризици, а стрес-тестовите упатуваат на солиден капацитет за апсорбирање на потенцијалните шокови. Минатата година, значително забрза растот на неговите активности, при раст и на депозитите и на капиталните позиции. Процесот на деевроизација продолжи, што е видливо преку намалување на учествата на кредитите и депозитите со валутна компонента во вкупните кредити и депозити.

При разгледувањето на Извештајот, одделно беше нагласено дека банкарскиот систем е ликвиден, а воедно и со високо ниво на солвентност, при стапка на адекватност на капиталот од 16,5% и преовладување на најквалитетниот, т.н. редовен основен капитал во вкупниот регулаторен капитал. На солидно ниво е и квалитетот на активата на банките, со учество на нефункционалните во вкупните кредити на нефинансискиот сектор од 5,2% и висока покриеност на овие кредити со издвоени резервации за очекувани кредитни загуби од 76,3%.

Минатата година, супервизијата и регулативата на финансискиот и особено на банкарскиот систем беше предмет на детална контрола, спроведена од Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, во рамките на т.н. мисија ФСАП, којашто позитивно ги оцени домашните супервизорски и регулаторни стандарди во однос на меѓународно прифатливите стандарди во овој домен.

На седницата на Советот, одделно беше нагласено дека во 2018 година, домашниот корпоративен сектор ги подобри резултатите од работењето, ја зголеми додадената вредност, отвори нови работни места и во услови на раст на платите на вработените. Показателите за профитабилноста, задолженоста и способноста за редовна отплата на обврските на корпоративниот сектор, исто така, забележаа умерено подобрување, што е значајно од аспект на управувањето со кредитниот ризик којшто домашниот финансиски систем го презема при финансирањето на домашните компании.

Показателите за солвентноста и ликвидносната позиција на домаќинствата, заедно со ниското и стабилно учество на нефункционалните во вкупните кредити во портфолијата на банките, и натаму упатуваат на релативно ограничена чувствителност на овој сектор на шокови и главно одржување во контролирани рамки на ризиците за финансиската стабилност што произлегуваат од него. Народната банка внимателно и редовно ги следи состојбите со задолженоста и на корпоративниот сектор и на секторот „население” и доколку оцени дека е потребно ќе преземе соодветни мерки.

Во однос на капитално финансираното пензиско осигурување, како втор сегмент според големината на средствата во нашиот финансиски систем, се заклучи дека не се очекуваат поголеми ризици од работењето. Неодамнешните измени во законската регулатива во доменот на пензиското осигурување треба да овозможат зајакнување на одржливоста на вкупниот пензиски систем на долг рок и стабилна исплата на пензиите на осигурениците. Друштвата за управување со пензиските фондови применуваат прудентна инвестициска политика во рамките на регулаторните ограничувања и правила. Сепак, значаен е предизвикот пред овие институции од нивната изложеност на променливите движења на меѓународните финансиски пазари. Се очекува дека основањето трето пензиско друштво ќе придонесе за зголемување на конкуренцијата во овој сегмент од финансискиот систем.

Во Извештајот е одбележано дека активностите на другите чинители на финансискиот систем се прилично скромни по обем и не претставуваат позначаен фактор за севкупната финансиска стабилност во земјата. Нивните средства се помалку од 7% од активата на финансискиот систем, а половината од нив отпаѓаат на осигурителниот сектор.

На седницата на Советот, одделно беше нагласено дека е неопходно внимателно да се следат активностите на финансиските друштва, иако тие опслужуваат мал дел од домаќинствата. Во овој сегмент се забележува релативно брз раст на активностите, што може да создаде ризици.

Во усвоениот најнов Квартален извештај на Народната банка е одбележано дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при здрави економски основи, поволна надворешна позиција на економијата, стабилни очекувања на економските субјекти и отсуство на нерамнотежи. Последните макроекономски показатели и оцени не отстапуваат значително од проектираната патека. Остварениот раст на економијата во првиот квартал од годината е солиден и близок до очекуваниот, при што извозот на стоки и услуги и натаму е компонента со највисок индивидуален позитивен придонес кон растот. Податоците од надворешниот сектор за првиот квартал, гледано преку билансот на плаќања, и натаму упатуваат на главно поволна надворешна позиција на економијата.

Податоците за надворешнотрговската размена упатуваат на потенцијално мало проширување на трговскиот дефицит во вториот квартал во однос на истиот период од минатата година. И покрај тоа, движењата на девизниот пазар и натаму се поволни, при што Народната банка продолжи да интервенира со откуп на девизи, што придонесе за понатамошен раст на девизните резерви. Според сите показатели за нивната адекватност, девизните резерви и натаму се во сигурната зона.

Истовремено, на седницата беше нагласено дека не се забележуваат позначителни притисоци кај домашните цени, а стапката на инфлација во текот на вториот квартал беше ниска и стабилна. Просечната годишна стапка на инфлација за второто тримесечје од оваа година изнесува 1,2% и е нешто под очекуваната.

Во вториот квартал од оваа година, поволни поместувања беа забележани и кај кредитните и депозитните текови, коишто не покажуваат поголеми отстапувања во однос на априлската проекција. Поконкретно, на годишна основа, кредитниот раст на крајот на вториот квартал годинава достигна 8,1%, што е блиску до проектираниот, додека годишниот раст на вкупните депозити на крајот на вториот квартал изнесуваше 10,7% и е малку повисок од очекуваниот.

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.



Видете следно

Гувернерката на Народната банка и министерката за финансии на Годишните средби на ММФ и Светската банка во Вашингтон

Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, …