Вчера во Народната банка се одржа 35. сесија на Клубот на истражувачите


Вчера во Народната банка се одржа 35. сесија на Клубот на истражувачите, на која по поздравното обраќање на вицегувернерката Ана Митреска беше презентиран истражувачкиот труд „Детерминанти на ликвидноста и нејзината поврзаност со профитабилноста: Случајот на македонскиот банкарски сектор” од проф. д-р Ѓорѓи Гоцков и Горан Христовски од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Во првиот дел од трудот авторите даваат осврт на ликвидноста и профитабилноста во македонскиот банкарски сектор, при што вклучуваат и куса компаративна анализа на овие показатели во однос на неколку други земји. Како што посочи Христовски во презентацијата, нашиот банкарски сектор се карактеризира со висока ликвидност и солидна профитабилност.

Во вториот дел на истражувањето, Гоцков и Христовски спроведуваат емпириско оценување на детерминантите на ликвидноста. Притоа, користена е економетриската техника генерализиран метод на моменти (ГММ) за периодот од 2007 до 2017 година. Според нивните резултати, постои позитивна врска помеѓу минатите вредности на ликвидноста, профитабилноста, износот на нефункционалните кредити и каматната стапка на благајничките записи, додека врската со големината на банката е инверзна.

По презентацијата на трудот, меѓу присутните се водеше и дискусија за повеќе прашања поврзани со него.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во март наредната година.



Видете следно

ФИТР препознаен како успешен модел – поднесена иницијатива да се преслика на регионално ниво

Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ е препознаен како успешен пример во студијата …