Винскиот музеј Кавадарци за една година посетен од над четири илјади гости


Винскиот музеј во Кавадарци го посетиле над четири илјади гости од земјава и странство за една година, во услови на пандемија. Ова го соопшти директорката Весела Честоева, на синоќешното одбележување една година од постоењето на културната институција.

-Музејот има една од главните цели и задачи кои се основни за секој музеј: истражување, собирање, стручна и научна обработка на музејскиот фонд, негова заштита, презентација и објавување. Својата дејност ја врши и преку организирање, односно презентирање на музејските предмети и материјал во изложби со постојан и времен карактер, рече Честоева.


Според неа, Музејто е институционален носител на целокупната музејска дејност во делот на винарството во цел регион на винските патишта и има обврска да врши и развива музејска дејност во делот на заштитата на културното наследство.

-Во соработка со Музеј галеријата и пред се со локалното население успеавме да ја збогатиме музејската збирка поврзана со лозарството и винарството, за што укажувам благодарност до одделението за етнологија при Музејот, заедно со виш кустос Томе Крстевски, истакна директорката.

Таа додаде дека поради светската пандемија и кризата, активностите продолжија согласно протоколите и пропишаните мерки. Директорката сподели и дел од проектите во минатата година, но најави и нови за наредниот период.

Задоволство од постоењето на Музејот изрази и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, нагласувајќи дека поддршката ќе продолжи со цел промовирање на историјата, културата и традицијата. свд/мч/

Кавадарци, 7 септември 2021 (МИА)


Видете следно

Во Скопје 173 сообраќајни прекршоци, 48 за брзо возење

Во рамки на засилените акциски контроли во областа на сообраќајот, на територијата на град Скопје …