„ВИОЛИН-ФЕСТ“ 2019: Инспиративен подиум на младите виолинисти


На 12 јуни оваа година, во камерната сала на Филхармонија,  имавме можност да ги запознаеме младите изведувачи – учесници на „Виолин-Фест“ 2019, единствениот фестивал во нашата држава посветен на младите виолинисти.

Оваа манифестација се одржува веќе седум години по ред, по иницијатива и во организација на Владимир Костов – истакнатиот македонски виолинист постојано присутен на концертните подиуми како солист и член на различни камерни состави, концерт-мајстор на Филхармонијата и вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Фестивалот се реализира со поддршката од Министерството за култура и секогаш предизвикува голем интерес кај стручната и пошироката јавност.

Самиот Владимир Костов потенцира дека целта на манифестацијата „Виолин-Фест“ е да им се овозможи на младите виолинисти уште еден простор за музицирање, надвор од редовните настапи предвидени со наставата. Благодарение на ова, фестивалот постепено ги привлече и учесниците од другите земји во регионот, со што станал меѓународен. Така, на овогодишното фестивалско издание, покрај младите виолинисти од Македонија, учествуваа и нивните колеги од Србија и Косово.

На сцената на камерната сала настапија младите виолинисти од различна возраст и образовно ниво – од трето одделение на основното музичко училиште до трета година на Факултетот за музичка уметност. Разбирливо најмногубројни беа македонските учесници од повеќе музичко-образовни установи ширум земјава: Лина Николеска (Охрид), Иван Милосов (Кочани), Михаела Лазарева (Штип), Леонардо Димоски (Прилеп), Александар Војневски (Скопје – ДМБУЦ), Марио Робе (Скопје – ФМУ). Гостите од Ниш – Србија беа: Алекса Аќимовиќ, Лазар Мутавѓиќ и Андријана Косовац, а Леуфат Буџуку дојде од Пеќ – Косово. Заслужни за нивната подготовка беа наставниците и професорите: Христина Пецаковска Николеска, Петар Поповски, Ангела Аревска, Љупчо Трајковски, Сихана Бадивуку, Биљана Весковска, Владимир Костов, Милена Стевановиќ и Ерис Опари-Зека.

Младите уметници се претставија со делата од виртуозен карактер, кои се предизвик за нивната возраст но и еден од критериумите за учество на фестивалот. Во изведбите тие демонстрираа солидна техничка подготвеност и чувство за сценски настап, а успеаја и да го доловат карактерот на делата од Крајслер, Паганини, Новачек, Виењавски, Сен-Санс, Кабалевски и Сарасате. Особен акцент во целата програма беше ставен на творештвото на Крајслер, Паганини и Виењавски – прочуените композитори, виолинисти, за кои на почетокот на концертот инспиративно говореше организаторот Владимир Костов.

Како учесниците така и нивните наставници беа единствени во ставот дека овој настан нуди одлична можност за меѓусебна соработка, споделување на нови идеи, стекнување знаења од различни традиции и проширување на хоризонтите. Во недостаток од јавните настапи кои играат клучна улога во формирањето на младите уметници, манифестацијата „Виолин-Фест“ е уште еден подиум каде што тие можат да се претстават, да стекнат сценско искуство, а со тоа – самодоверба и инспирација за работа. За тоа придонесува и општата топла и пријателска атмосфера на фестивалот кој не е со натпреварувачки карактер. Од особено значење за младите виолинисти беше и можноста да соработуваат со нашата реномирана пијанистка Марија Вршкова – професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје и една од најпрочуените и искусни во ансамбловото музицирање. Забележана беше и уметничката соработка на младиот пијанист Јордан Петрушевски кој настапи во дуото со Александар Војневски.

Изведбите на младите виолинисти беа топло примени и од публиката – како професионалните музичари, така и редовните посетители на концерти.

Се надеваме дека фестивалот и понатаму ќе просперира, ќе привлече уште поголем број виолинисти од различна возраст и ќе ја прошири својата географија. Им пожелуваме на учесниците на „Виолин-Фест“ 2019 кои веќе ветуваат многу да го пронајдат својот пат во уметноста и успешно да ја претставуваат нашата музичка култура ширум светот.

 


Видете следно

Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2019 година

„Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек” е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци”, која ја доделува …