„Виталиа” на егзотичните плажи на Барбадос


 

Барбадос е на повеќе од 8.000 километри воздушно растојание од седиштето на „Виталиа”, но како резултат на стратегијата за постојано освојување нови пазари, од јули жителите на оваа островската држава ќе можат да уживаат во производите на реномираната македонска компанија. Со ова, познатиот бренд сега ќе биде присутен на речиси 60 интернационални локации, меѓу кои се Европската Унија, Америка, Австралија, Азија, Блискиот исток, Русија, Бразил, Сејшели, Маурициус и Либан.

– Македонскиот пазар е нашата основа, од каде што почна успешната приказна на „Виталиа”, но имајќи предвид дека водечка цел ни е растот и развојот, тоа може да се постигне само доколку непрекинато се воведуваат иновации и се проширува листата на пазари на кои што сме активни. Еден од нашите најсилни мотиви е здравата храна што ние ја произведуваме да биде присутна во што поголем број земји, односно извозот е нашата главна ориентација. Токму поради тоа редовно и успешно се презентираме на меѓународни саеми, каде што потенцијалните клиенти веднаш забележуваат дека нашата палета има извонреден квалитет, врвен дизајн и е во чекор со сѐ што во оваа индустрија се случува на глобално ниво – велат од компанијата.

Начинот на исхрана на жителите на Барбадос е комбинација од свежите намирници од овошје, зеленчук и морски плодови, зајакната со ароматични билки и зачини кои создаваат специфичен и препознатлив вкус. Со повеќе од 300 производи поделени во над 10 категории, „Виталиа” одлично ќе се вклопи во шареноликата кујна и животниот стил на граѓаните на оваа островска земја. За почеток, на егзотичните плажи на Атлантскиот Океан ќе бидат достапни мусли, крекери, овесни колачи, мусли во пакување за носење и овесни каши, со план оваа листа да се зголемува.

– Присуството и на овој пазар е потврда за инспирацијата во нашата работа, а тоа е да креираме што поголем број здрави и вкусни продукти и тие да станат дел од животот на луѓето, притоа, секогаш имајќи предвид дека секој човек е препознатлив на свој начин. „Виталиа” особено внимава на индивидуалните потреби на потрошувачите и како и на пазарите на кои што досега извезуваме, убедени сме дека и во Барбадос нашите производи ќе станат дел од секојдневното мени на жителите на оваа прекрасна земја – истакнуваат од „Виталиа”.


Видете следно

Профитот на „Амазон” зголемен за 197 отсто во последното тримесечие

Продажбата и профитот на Амазон значително се зголемија во последниот квартал бидејќи потрошувачите се потпираат …